Официјално почна откупот на тутунот од реколтата 2019 година
– Тутунот го откупуваат девет компании
Стабилен откуп со високи просечни откупни цени на тутунот очекува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски кој присуствуваше на стартот на откупотво Тутунскиот комбинат. Министерот беше и во прилепските откупи на Сокотаб и на Секе.
Тутунот ќе го откупуваат девет компании со обезбедени пари за исплата. Инспекторите ќе ја следат состојбата со откупот.
– Годинава се засадени 13.342 хектари тутун и се склучени 32.798 договори со девет компании. Издадени се 20.933 евидентни листови. Очекуваме околу 6 проценти поголемо производство на тутун. На откупните ваги има лиценцирани контролори и повереници на тутунарите кои го следат откупот. Очекуваме добар и непречен откуп. Квалитетот на тутунот е подобар и очекуваме повисока откупна цена од лани – истакна Димковски.
Како што нагласува генералниот директор Кире Станкоски, Тутунски комбинат ќе го плаќа родот по еден ден од откупот.
– Тутунскиот комбинат ќе откупи околу 3000 тони на 25 пунктови со 34 ваги. Исплатата ќе се врши по еден ден од откупениот род – рече Станкоски.
Тутунарите очекуваат добра цена.
– Лани постигнав просечна цена од 250 денари за килограм, а годинава очекуваме повисока поради повисокиот квалитет – вели Ристе Младеноски.
Инаку, функционира новиот модел на зголемени субвенции за прва класа тутун 80 денари за килограм, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.
Инспекциски контроли за режан тутун на пазарот
На прашањето што со тоа што на пазарите се продава режан тутун, министерот Димковски повика пазарниот и земјоделскиот инспекторат да контролираат. Инаку, Министерството соработува со Сојуз на тутунарите кој има минимум 30 отсто членови од вкупниот број тутунопроизводители во земјава.
Медицинскиот канабис не е алтернатива
Дали тутунот има алтернатива, на пример со медицинскиот канабис, Димковски со одговор дека за ова не може да се прави паралела.
– Не може тука да се прави паралела, а за сé друго решаваат тутунарите. ЕУ спроведуваме проект за алтернатива за тутунот. Тоа е растението стевија, увезено од Шпанија. Ќе се анализираат податоците од почетните површини засадени со ова растение – рече Димковски.