ТИПИЧЕН ПРИЛЕПЧАНЕЦ: НЕМА ФУДБАЛ, А ТОЈ СЕКОЈ ДЕН НА СТАДИОН

Kire Ivanoski BalceЖивот:  Кире Иваноски – Балче, вљубеник во името Победа

Победа е како феникс, пак ќе биде тоа што беше

Сограѓаните повеќе го познаваат како Кире Иваноски, повеќе како Балче. Најмногу како човекот, бескрајно вљубен во Победа. Некогаш бил работник во ,,Македонија пат,,, сега пензионер на 63 години. Каде е фудбалот, тој е таму. Типичен прилепчанец. Секој ден оди на стадион, иако таму нема фудбал со години.

-Секој ден го гледам како се гради стадионот. Одев и кога имаше трње, кога целиот терен беше обраснат. Го задоволував апетитот за фудбал. Влегував во трњето и не се разочарував. Имав надеж. Со Ристо Риџата, творецот на првата химна за Победа, формиравме Иницијативен одбор за пропагирање на паролата ,,Сакаме стадион,,, по примерот на битолчаните. Формиравме одбор. Беше во фаза на регистрација, се приклучија и други како судијата Орде Мане. На општо задоволство, набргу отпочнаа градежните работи и немаше потреба за иницијатива. И денес секој ден одам, сликам и објавувам на фејсбук. Со нетрпение чекам да завршат градежните работи.. Идните генерации ќе уживаат како што ние уживавме во фудбалот.

Се дружи со фудбалот од мали нозе. Љубовта се родила на полјана. Израснал во Вишне, зад сегашниот Дом за стари лица. Во просторот имало можност за секакви детски игри. Се играло и фудбал меѓу две маалски екипи. Балче бил голман.

-Беше Велигден. За најголемиот празник, мајка ми ми сплети блуза за мерак. Прво излегување на натпревар, голман. Да бидам како вистнските голмани, со ќумурче си нацртав на грбот единица. Ќумурчето тешко се пери. Блузата ја уништив – се присетува на почетокот од ,,кариерата,,.

Pobeda - Belasica 3-1 vesnik Sport

Можел да биде голем голман. Имал талент, но животниот пат го носи во други правци. Му се случуваат тешки повреди. Заради палавоста како дете, не го пуштале да оди на стадион. Сепак кришум заминувал. Го советувале да биде примерен, а тој се качувал на јаболкници и берел јаболка, не плашејќи се од полјакот.

-Покрај реката, полека, полека дојдов до стадионот. Наместо да влезам на главните влезови, иако дете, сакам како возрасните, преку ѕид да се кажувам од кај болицата. И паднав и ја повредив ногата при симнување, иако за јазење ми немаше рамен. И кај ,,Мичурин,,. кога кришум берев јаболка, ме виде полјакот и пукна со пушката да ме исплаши. Од страв паднав од дрвото и ја скршив ногата, истата што претходно малку ја залечив.Бегав 100 метри до дома фрактура. Од јаболката и фудбалот, ногата ми е повредена и ден-денешен – раскажува за немилите случки.

Од фудбалот го дума Бела Илиќ, стар тренер, прилепскиот зет. Му местеле столица покрај теренот, а тој гледал облечен во костум. Му правеле голема чест. Омилен тренер му е и Радовиќ. Ги ценел голманот Кире Николоски, заминат во Австралија. Со љубовта кон Победа, со задоволство го гледа Митрикески. Потоа Тренески од Кичево кого го обожувал. Слушал за Келтаноски, но не го памети како бранел.

-Сите играчи ги сакавме. Рамаданов, левт бек, беше борец. Имавме навивачка група како големите клубови. Ја предводеше Науме, копија на Мате од Битола. Лете-зиме носеше црн костум, црн шешир и чадор. Темпераментен и страстен. Многу ја сакаше Победа – се навраќа на ,,златното,, време.

Победа ја следи од пласманот во Втората југословенска лига. Точно 15 сезони. Никој прилепчанец не верувал дека некогаш ќе отпадне во понизок ранг. Но, во 1978 година, Победа во последните кола го загуби статусот. Прилеп е во очај. И Балче.

-Трагедија. Не можев да се соземам, да сфатам дека Победа отпаѓа. На последниот меч дома од трибина го фрлив палтото и чадорот в терен. Од мака и лутина заминав дома без нив. Тешко ми беше, да нема фудбал во Втора лига. Се зареков да не одам на фудбал никогаш. Но, прилепчани сé може да ветат, ама за фудбал – не. Одев и на натпревари, и на тренинзи – го прекршил дадениот збор.

На прочуеното дерби Победа – Беласица (3-1 во 1979 г.). Републичка лига, борба за влез во Втора југословенска. Кој победува – влегува. Меч за фудбалски гурмани. Од сите страни реки народ. За Победа играат Т. Тодороски, стрелците З. Конески 1, Настески 2, Р. Ѓорѓиоски, за Беласица Истатов, Дрвошанов, Секулов, стрелецот Митев…

Prepolni tribini

-Публика 24 илјади. Победивме. Не заборавам како Рубин Ѓорѓиоски неколкупати му ја провна топката на Дрвошанов меѓу нозе. Публиката на нозе. Делириум, спектакл – спомнува детали од дербито.

Денешнава Победа не е ни во Прва македонска, а во Вторава се бори за опстанок. Не доликува на голем клуб, на фудбалските традиции.

-Но сум непоправлив оптимист. И Трета лига да сме, ќе сме чудо. Во 2010 година бевме атракција на Балканот. Близу 500 луѓе отидоа во Големо Коњари да го гледаме мечот со Млекар. Има подеми и паѓања. И Хајдук паѓаше, па навивачите го спасија со купување акции. Во 2013, ја спасивме Победа со паролата ,,Кога-тогаш Победа шампион,,. Денешниве навивачи не одат на фудбал од мака. Седат дома со начулени уши и го чекаат резултатот. Не сакаат да ја гледаат агонијата. Но, интересот никогаш нема да престане. Ќе се крени Победа од пепелта како феникс. На Победа í тежат финансиски проблеми. За добар клуб се потребни бренд, стадион и публика. Очекувам добар спонзор што ќе застане крај името Победа.

Неразделен со Талјано

-Да не беа повредите, сигурно ќе бев голман. Ги правев составите, ги распоредував играчите и немаше кој да ми го земе тоа место. Се дружев со голманот Трајче Чолаков – Талјано од 11 Октомври и Победа. И сега секој ден контактираме на телефон иако е во Италија. Како Сијамски близнаци сме.

Фудбал во поплава

-Бев средношколец кога се играше мечот Победа – Приштина. Се изнаврна дожд, пороен. Врне-тура, поплава. Судиите не прекинуваат, а играчи не се жалаат. Гледачите бегаат. Издржавме малкумина докрај занесени во играта. Заврши 0-0.

Каков дедо – таков внук

-Носам дедов ген, кој умре на 90 години. Како него бев немирен преку сите граници. Така и моите внуци. Внуката Срна како да се гледам себе си кога бев дете. Како гума е на 8 години. Тренира ритмичка гимнастика и секаде победува. Ја вклучија со 2 години постари и пак победува. Внучето Јован има 2 години и е како каскадерче, бестрашен. Се качува, се симнува, со леснотија. Право мајмунче како што правев јас. Ако не биде каскадер, ќе биде гимнастичар.

Loading