ПРЕКАРИТЕ АМАЈЛИЈА – ИМИЊАТА УКРАС

Прилеп препознатлив и по богатство прекари

karikaturaЗа психологијата на прилепчаните е својствено да ,,вадат,, и да носат прекари. На некој прилепчанец му било криво, оти немал прекар. Тоа го доживувало како маана, како црна овца. Затоа безпрекарџијата на блиските и пријатели им нарачал да го викаат Џигерот. Да не отскокнува од другите само со името. Речиси нема прилепчанец кој нема прекар. Некои со години ги носат и сите ги познаваат исклучиво по нив. Имињата ги имаат за ,,украс,,, за документи. По нив малкумина или никој, дури ни блиските не ги знаат. Некои имаат по два и по три прекара. Други се пренесуваат од колено на колено, како семејно наследство. Има податоци дека некои прекари имаа традиција од 200 години. Дел од прекарите се претвораат во презимиња. Мрсните прекари се богатство на духот. Била потребна посебна дарба, оти се стремеле да останат долго, да се памтат, да не се бришат и да бидат вечни. Од мрсните, еротските и вулгарните, неколку оставаат впечаток за моќта за создавање двозборни прекари: Полгаз, Тапангаз. Шилегазе, Газилајна, Сиџимпичка, Црнокуре, Теснопиче, Белогазе, Прчикур, Тепајкур, Чешајмаде, Бричикур, Бешмаде. Се раскажува дека прекарот се става и за заштита од зло или од болест.

Духот на еснафот раѓал прекари

Чаршијата е изворот на прекарите, пулсот на градот и дел од   прилепската душа. И денес кога не мириса духот на еснафот под Саатот,  во модерните дуќани, во кафетериите се одржува прекарската традиција. Се одржува намусот на создавање на прекарите, приказните, мајтапите и курназлаците. Со прекарите се прават разноразни керефеки и чешитлаци.

Починатиот актер Блаже Алексоски – Глумецот со години трагаше по корените на прекарите. За генезата на прекарите низ вековите, финалето на неговата истрага ја круниса со текстови меѓу корици. Грижливо собра над десет илјади прекари и ги објави во книгата ,,Прилепски прекари,,. Голем дел од животниот век го мина во трпеливо собирање на чаршиски приказни, мудрости, па и прекари. Тој е меѓу ,,поновите,, собирачи на народниот дух, кој објаснуваше дека е макотрпно е да се разговара со илјадници луѓе да се слушаат и да се запише кажаното. Извор главно му била чаршијата, дуќаните, касапниците, занаетчиите, пазарот… Ги систематизирал по некаков редослед во неколку тефтери.

Велеше дека Прилеп може да биде не само град на мајтапите и курназлаците, туку и со раскошна дарба за создавањето прекари, кои оставиле впечаток и на патеписците Мекензи и Ерби.

Откриена дел од етимологијата на прекарите

Не е само шега кога ќе се рече дека што саглам ќе биде прилепчанец, ако нема прекар.                      

Алексоски тргнуваше од своите прекари. Објаснуваше зошто го викале Брешко и Глумецот. Брешко, оти играл крал Брешко во една претстава, а Глумецот, оти го минал животот како актер и режисер во театарот. Син ми го завикале Ајкулата, зашто добро плива.

За некои прекарите се гордост, а малкумина се лутат кога ќе ги довикуваат и именуваат на ,,второто,, име. Прекарите се давале главно поради некои маани и недостатоци, непријатни случки и гафови. Некои ги добивале по табиетите, други по професијата и занаетот. Трети по локацијата на живеење или селата од каде потекнувале. Некои им биле ставани од инает, по животни или да им се наруши угледот.

Во книгата, Алексоски ја открива етимологијата на дел од прекарите. На пример, Белакапа. Го прекарувале, оти секогаш излегувал само со бела паларија. Некој ги викале Газилајна, оти секогаш кога се враќал од чаршија дома, на чевлите имал лајна. Ги има по птици и животни – Гарванот, Маторицата, Пупунците, Штркот. Прекарите се стават по занеатите, по маалата: Спиро Сарачо, Митре Тенекеџија. Долномалец, Корзомалец. По селата се познати Дупјачанец, Штавичанец, Небрежанец. Има Дувнимагла, Џамбаз, Лимонтазе. Едно време беа атрактивни прекари по актери и јунаци на филмови – Бен Квик, Клара, Тарзан, Џејн, Сандокан, Винету, Олд Шетерхен, Џанго.

Не го открил прекарот Дрле – Бањарот

Посебна провокација и љубопитство предивикал прекарот Дрле Бањарот, оти ретко се знае кој бил тој човек и зошто добил таков прекар. Некои кажувања откриле дека тој бил ложач во Градската бања и бил обратен, бидејки ѕиракал во машкиот дел од амамот. Ама зоште бил Дрле, не се открило.

Loading