РИБИТЕ НА СУВО – ТУТУНОТ ПО ВОДА

Вештачкото езеро без капка вода

– Се променува главниот вентил, наместо еден ќе се постават два вентили – еден сигурносен, односно конусен и еден ,,лептирест,,

– Се решава голем проблем со позитивен проект вреден девет милиони денари

ezeroto

 

Нема ниту капка вода во Вештачкото езеро. Комплетно е испразнето, заради промена на системот за испуштање на водата од браната, вреден девет милиони денари. Тутунарите се исплашени дека врвните, најквалитетни берби ќе останат без вода и со тоа го намалуваат родот за 20 отсто. Зафатот почна лани, но беше прекинат поради неповолните временски прилики и поради сезоната за наводнување.

Според Ѕвонко Талески, директор на Водостопанското претпријатие ,,Прилепско поле,,, работите треба да завршат до крајот на месецов и битно е што се чекаше првин да заврши сезоната за наводнување, до 6 септември.

-На 6 септември заврши годинашнава сезона за наводнување. Веднаш ги продолживме прекинатите активности од јануари за испуст на езерото за да заврши промена на испустот на браната. Во јануари го прекинавме проектот поради временските услови. Со изведувачот, Жикол и со надзорот од Градежниот институт од Скопје се заклучи на 24 јануари да прекинат активностите, успешно да се спроведе годинашнава сезона за наводнување. Па, потоа да се работи на проектот. Со залагање на вработените успеавме да ја доведеме до крај сезоната за наводнување и да им пружиме успешна услуга на водокорисниците. Во текот на оваа недела Жикол ќе ги продолжи подготовките за завршувањето на овој проект. Идната недела пристигнуваат подизведувачите од Ниш, кои се занимаваат со монтажа на хидромеханичката опрема. Конечно ќе биде решен еден голем проблем од круцијално значење за Прилеп. Се променува темелниот испуст на браната, главниот вентил, кој досега беше еден и ќе се постават два вентили – еден сигурносен, односно конусен и еден ,,лептирест,, вентил – објаснува Талески.

Од Прилепско поле нагласуваат дека направиле натчовечки напори да обезбедат повеќе турнуси за наводнување и покрај сушниот период.

-Тутунопроизводителите и водокорисниците со склучувањето на договорите беа информирани дека водата во акумулацијата со која располагавме тој период не е доволна за целата сезона за наводнување. Претходните години сезоната обично траела до крајот на септември. Барањата беа да се овозможи наводнување барем за садењето на тутунот. Покрај сушниот период, успеавме да обезбедиме четири турнуси. Дури го искористивме и биолошкиот минимум од 680 000 кубни метри вода да им излеземе во пресрет на корисниците – вели Талески.

Проектот чини 9 милиона денари исклучиво наменети за проектот. Според изведувачот, проектот треба да заврши до крајот на овој месец, за во октомври да почне да се собира секоја капка вода во езерото за навремена подготовка за наредната сезона за наводнување. Вкупниот капацитет на вештачко езеро е околу шест милиони кубни метри вода за наводнување на околу 2 500 хектари.

69864165 10217421854313314 7828917548799229952 o

Данчо Милески, претседател на тутунаското здружение ,,Мице Козар,,

ВРВОТ БЕЗ ВОДА – ТУТУНАРИТЕ БЕЗ ПАРИ

Од тутунското здружение ,,Мице Козар,, велат дека тутунарите се исплашени дека врвните, најквалитетни берби, ќе останат без вода и со тоа го намалуваат родот за 20 отсто. Данчо Милески, претседател на Здружението апелира работите да завршат што побрзо.

-Водата со дождовите во јули се задржа во акумулацијата, но последниве два месеца нема паднато капка дожд. До 5 септември имавме последно наводнување. Сега се берат ,,врвните раце,,, најквалитетниот тутун кој носи највисоки класи. Но, природата ќе си го земе своето, оти нема наводнување и листовите нема да пораснат. Високите температури предизвикаат нагло овенување и горење на врвните листови. Инаку, поради сушниот период нема да се достигнат побарувањата на комапниите за реколта тешка од 25 000 тони во целава земја, туку се очекува бербата да биде околу 20 000 тони тутун – вели Милески.

Апелираат вентилот да се замени во што е можно побрз временски период за да може вештачката акумулација да се полни час поскоро, затоа што нивите во Прилеп биле брдско-планински и без вода тутунот не може да вегетира за разлика од руралниот дел на полето каде ситуацијата е малку подруга.

ВМРО – ДПМНЕ:

Еколошка катастрофа на вештачкото езеро?

,,Негрижата и неспособноста на надлежните доведе до еколошка катастрофа на прилепското вештачко езеро. Купишта изумрена риба има на брегот од езерото, кое пак остана без вода,,.

Ова го истакна Тони Ризески, ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Во период кога уште активно се работи во полињата и кога земјоделците се соочуваат со страшна суша, одново е испуштена водата од езерото и одново се предизвика уништување на рибниот фонд. ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати апелираше на катастрофалното менаџирање со езерото од страна на кадрите на власта, а сега одново ги прашуваме:

Кој ќе ги надомести штетите на земјоделците кои уредно имаа потпишано договори за наводнување, а во текот на целиот летен период се соочуваа со недостиг на вода?

Зошто вторпат се испушта водата и дали некој ќе сноси одговорност за поморот на рибите?

Каде ви е совеста и како можете да се поигрувате со трудот и маката на луѓето кои секојдневно работат по нивите да обезбедат егзистенција на семејствата?

Дали овој пат ќе го промените испусниот вентил на браната и дали на вистинско место ќе завршат 9 милиони денари, предвидени за таа намена?

Наместо спортско рекреативен центар со игралишта, патеки и место за рекреација и уживање, како што ветуваше градоначалникот Илија Јованоски, езерото е претворено во пустелија, во грдо место, кое повеќе никој не сака да го посети. Уништувањето на вештачкото езеро е уште еден од низата скандали кои власта безуспешно се обидува да ги скрие, но како и за се претходно верувајте дека ќе одговараат – рече Ризески.

СРК Мамец не добил писмено инфо

Рибниот фонд е во надлежност на концесионерот, СРК Мамец, кое годишно порибува, а лани бил известен за испустот на водата за да се погрижи за рибниот фонд.

Ѕвонко Николоски, претседател на Мамец потврдува за ланското известување, но вели дека за овој испуст не биле писмено информирани од Министерството за земјоделство. Побарале увид на состојбата.

– Ние сме 15 години концесионери на ревирот Црна Река 2 во кој спаѓа рибниот фонд на вештачкото езеро. За ланскиот испустот бевме информирани и го дислоцираме рибниот фонд. За испустот деновиве, не добивме никакво писмено известување од Министерството за земјоделство. Имаше помал рибен фонд од околу 200 – 300 килограми риби и дел подмладок. Дел се уловени и дел се пуштени во реката. Денеска ги известив со допис и Министерството за земјоделство и Државниот земјоделски инспекторат да направат увид – вели Николоски.

Концесионерот има обврска годишно да порибува со подмладок на крап и доколку се наполни езерото до декември треба да се пориби со 150 килограми подмладот од крап.

Loading