НЕВЕСТАТА НА ЦРВЕН – ЗЕТОТ НА БЕЛ КОЊ

Мариово

Посебни свадби кај момчето и невестата

Се женеле и мажеле со стројници

Свекрвата давала кошула на невестата

Izvor na avtenticni obicai - Vitoliste - Mariovo

Недопрена убавина е Мариово. Сурова средина облагородена уште од малкуте вредни раце. Во прегратки зачуван патриотизам. Мариовците ги бие глас за чесни, племенити, трудољубиви, гостопримливи, итри. Луѓе, неоптоварени со завист и љубомора. Многу легенди се исплетени за мариовците. Тргнувајќи од онаа за младата Марија која му ветила дека ќе се мажи за турскиот паша, ако потпише до каде да биде Мариово. Тој потпишал, а Марија тргнала со него. По патот се самоубила. Затоа останало името Мариово.

Велат дека мариовците живеат поздрав живот. Не поради климата и здравата храна, туку од обичаите. Во каселите понегде се зачувала и уникатната црвена носија и белите кошули и црни елеци за мажите. Ги зачувале обичаите кои зрачат со богата духовност.

Обичаи во 50 –тите години

Свадбата за мариовците е церемонијална. Почнувала од сабота на вечер и траела три дена. Се веселеле, посебно кај момчето, посебно кај невестата. Кај момчето се плети зелен венец од бршлен и босилек. Венецот го заплетувало девојче-таткино и мајкино, а не сираче.

Во неделата сватовите оделе со коњи по невестата. За неа се украсува, се дотерува со ирамчиња, килимчиња, црвен коњ. Зетот јава, дотеран на бел коњ, посебно  украсен со рубара, рачно везена и ткаена-кошули, чорапи, саи и слично. Кога ќе пристигнеле првите сватови, трипати ги  враќале. Си правеле кеф додека дојдат главните, кои невестата ја дарувале со чевли, венец и голем превез.

Во црквата венчето било сплетено од лозница и со црвен конец врзано.

Ечеле гајди на свадбите. Во некои мариовски села како божја заповед им било по венчавањето невестата да оди на изворче (кладенче) и таму гувее. Тоа значи нункото застанува и ја учи, советува да е верна домаќинка. Таа климнува со главата и ветува дека ќе почитува.

Зетот, во неделата, го забрикувале старосватот, деверите и кумот.

Se viori oro i pesna vo mariovska nosija

Франга за награда за чесност

Брат или најблизок братучед ја испраќал невестата. Има мал и голем девер, кои ја качувале на коњ. Едниот ја крепе од едната, другиот од другата страна. Кај момчето ја пречекуваа на вратата, преградена со дрвца и во оџакот, три пати ја чукнувале да седи дома, да не шета. Потоа најблиските одат со јадење кај момчето. Свекрвата и дава кошула на невестата и на врата чекаат дали е чесна или нечесна. Свекорот ја наградувал чесноста со франга. Ако не е чесна во понеделникот опрегачот, футата што ја носи и ја ставале наопаку и ја праќале да оди на чешма на кладенец, да биде понижена и исмеана. Одејќи таму, невестата носела огледалца и на сите најблиски од зетот кои ги гледа таму, да им даде вода од  бардето. На враќање отурала до дома вода, обележувајќи си го патот да знае каде оди. Дома повторно зетот преградувал со дрвца на вратата. Преку преградата му потурала вода раце да се измие и го дарувала со крпа да се избрише. Потоа зетот ја пуштал дома да си влезе.

Се одело на големо (кај свекорот) првиче и мало (кај невестата).

Мариовците се женеле и мажеле со стројници со благослов од родителите. Ретки биле неморални и бегалки. Давале само збор со најблиските. Веридби немало.

Се негуваат празнични обичаи

Редок обичај карактеристичен за некои мариовски села е обичајот за Водици. Имало машки (т.н коледари) и женски Водици. На машките, ланскиот домаќин в црква носи погача со паре, која се кршела на онолку парчиња колку што имало куќи во селото. Онаму каде ќе падне парето била домаќин идната година. Кај домаќинот одат на гости каде ручаат, а другите куќи ги посетуваат и се мезат.

Мажите ги изнесуваат “крстите” т.е иконите од црква и ги носат на кладенец, на вода да ги попрскаат и измијат. Вториот ден на Водици, девојките променети во најубава облека оделе кај домаќините на подготвено јадење. Поручувале таму и по ред оделе по другите куќи. Ги честеле топла ракија и месено. Благо немало.

Од другите празници, на Василица се палеле оган и децата оделе по колбаси и оревчиња, на Коледе се давале костенчиња, ореви јаболка. За Божик и Бадник три дена игранки се правеле на сред село, на Бадник се вртел мазник со паре, а за Велигден се честеле црвени јајца и гајди ечеле на сред село.

Празниците се славеле по три дена и некои по два.

За Духовден, како и секаде се раздавале бардиња, а за починат се давало лепче со шеќер.

Секоја фамилија си имала зимска слава, а секое село имало летен сведен. За слава трпезите биле богати. Се одело фамилијарно и се собирале и по 50-тина луѓе.

Обичаите се дел од животот на луѓето и си имаат некое значење. Белег, карактеристични навики кои го издвојуваат и го прават посебен секој град или село.    

Кај домаќинот со песна

“Домаќине, домаќине, ако спиеш разбуди се,

ако седиш просто стани, да пречекаш мили гости”…

Се пееле и посебни водичарски песни за домаќинот, домаќинката, за женети, немажени, мртви и слично.

“Седнала Петра кралица, да ми реди бела руба

моминска (зетовска), за девојки за момчиња…”

Loading