ИЗЛОЖБАТА ОД АЛЕКСАНДАР ЈАНЕВ

Delo od Janev

„Раѓање на битието“ е тематската изложба на десетина дела на скулптури од Александар Јанев што ќе биде отворена вечерва од 19 часот  во ликовната галерија на ЦК ,,Марко Цепенков,,. На првото претставување пред прилепската јавност уметникот дава одговор на прашањето, што е живо битие?

– Авторот одговара на свој начин, како доживување и изразување со помош на формата и материјалите. Создава уметничко дело кое ќе има свое значење и по својата содржина нема да смее да се исцрпи со линии, кривини, површини и вдлабнатини во дрвото, каменот и металот во одредените тонови или во било кој друг материјал кој се искористува, туку развива внатрешен живот, чувства, душа, некоја содржина и некој дух кој се нарекува значење на уметничкото дело… Тој не се занимава со пресликување на природата, туку со изразување на сопствените доживувања на природата. Ја поддржува мислата дека природниот дар треба да се користи за создавање на уметничко дело. Авторот користи симболи, бидејќи историјата на симболите потврдува дека секој предмет може да добие симболичка вредност, било да е природен (камен, стебло, цвеќе, плод) или апстрактен, геометриски облик, број, ритам… Користи материјали кои имале своја намена, но откако биле искористени тие се отфрлени. Авторот ги искористува во своите композиции кои се во исто време и порака за зачувување на природата како идеа која и не е нова, бидејќи и Пикасо и Брак во свое време собирале отпадоци и ги створиле нивните познати колажи – забележува за делата на  уметникот Јордан Јанев – Дане.

Уметникот Јанев дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за вајарство со графички дизајн. Работи во Гевгелија како наставник по ликовно образование. Член и претседател е на Друштвото на ликовни уметници во Гевгелија и член на Мултимедиа центар Гевгелија од 2009 година. Учествувал на сите групни изложби на ДЛУГ и Мултимедиа центар, а бил дел од повеќе ликовни колонии.

Loading