ШТАПСКА СРЕДБА

1

И по пет децении членовите на општинскиот штаб на територијалната одбрана ги негуваат традиците. На 50 годишниот јубилеј на овој сегмент од системот за одбрана на земјава кој не постои веќе 27 години, речиси десетина членови од локалната команда составена од 21 човек на територијалната одбрана организираа средба.

Територијалната одбрана како дел од поранешната концепција за одбрана е трансформирана во вооружените сили. Резервистите веќе не тренираат за одржување на подготвеноста, туку целиот безбедносен систем е доверен на професионалната Армијата.

Членовите ги освежија сеќавањата на моментите на вежби, обуки, па и дожувања кои останале трајно врежани во меморијата на едно време. Не избледеле паметењата со годините. Последната средба на евоцирање на спомените организирана од членот на штабот, Стојко Крајоски, потврди дека пристапот во штабот бил сериозен и одговорен, а проверката на борбената готовност била темелна. Единиците биле спремни жестоко да одговорат на агресија на потенцијален непријател. Се споменуваа доживувања за вежбите кај манастирот Зрзе, на курсевите во Панчево, за лутите зими и војничките услови и за методите и атмосферата на  поставувањето на висечки мостови, за мајтапите во слободното време, шегите на креветите на катови…

Иако членовите на штабот се во одминати години, а дел се на залезот на работниот век во локалната единица на министерството за одбрана, најавија дека собирите ќе зачестат со цел да се дружат и да пренесуваат дел од искуствата на младите генерации кои можеби ќе вградат иновации во стариот систем да добијат новата безбедносна концепција, наскоро и со структурите на НАТО.

Loading