ОБЕМОТ И СТРУКТУРАТА НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО И СТОЧАРСКОТО ПРОИЗВОДСТВО (3)

Прилеп и прилепско меѓу двете светски војни

Иако располагаше со многу богата дрвена маса во шумските ревири, Прилеп немаше развиена дрвна индустрија, поради непостоењето на патни врски со шумските резервати во планините во околијата. За развој на оваа индустриска гранка не се располагаше и со доволни капитали. Постоеја само примитивни пилани, од кои само во мариовско беа 5, кои имаа сезонски карактер и одвај ги задоволуваа локалните потреби. Механичката преработка на дрвото беше развиена во ограничени размери. Поради неразвиената индустрија за обработка на мермерот, слабо се користеа и богатите наоѓалишта кај Дебреште, Сивец, Габер и Плетвар. Првата експлоатација на мермерот ја почна една лесковачка фирма дури во 1930 г., која осум години подоцна достигна производство од 200 м3. годишно. Во 1938 г. била основана фирмата Индустрија мермера – Плетвар,, која во 1940 г. го намалила годишното производство на 40 – 60 м3. Мемерните блокови се ваделе сосема примитивно, а се пласирале во Белград и меѓу каменосечачките работилници во Македонија. Индустријата на мермер во Плетвар ангажирале само 7 работници. Прилепско располагаше и со големи количества на каолин и глина за герамиди, лигнит во селата Витолиште, Маково, Жван и Новаци, бакар и азбест во Бешиште и Витолиште, лискун и фелспад во Дуње и Врпско. Резервите на фелспадот уште тогаш се проценуваа на неколку стотици илјади тони квалитетна руда. Наоѓалишта на оваа руда имало и во селата Кокре и Вепрчани, а во селото Манастир биле познати големи резерви од рудата трипел или кизелгур кои можеа да се користат во металургијата, станбената, фармацевтската и хемиската индустрија. Некои атари располагаа и со доломите, а уште во 1920 г. се претпоставуваше дека во овој крај можат да се откријат и големи наслаги од сол, јаглен и нафта, така што врз основа на тоа, се предлагаше подигање и развој на соодветни индустриски гранки во градот и околијата, меѓутоа овде сепак беа доминатни тутунското производство и делумно развиената тутунска индустрија.

Првиот тутунски склад во градот бил подигнат уште во 1873 г. од страна на Отоманскатата режија за тутун. Капацитетот изнесувал околу 100 тони годишно. Со градбата на нови магацини во 1924 и во 1932 г. затакнатиот магацински простор уште од турско време се зголемил од 1830 м2. на 5946 м2. Новите магацини располагале со простории за влажнење, ферментирање и сушење на тутунот. По Скопје и Велес, Прилеп бил трет град во Македонија по големината на магацинскиот простор. Во 1939 г. овој простор располагал со 13701 м2., а за произведените 2445 тони тутун во истата година биле потребни 24400 м2. Во магацини и други градежни објекти во 1940 г. биле инвестирани 22,5 милиони динари. Тогаш во тутунското препријатие биле вработени 791 работник, односно 11 проценти од вкупниот број на вработените во тутунската индустрија во Македонија. Бидејќи ферментацијата и манипулацијата имаше сезонски карактер, тутунското претпријатие не можеше да вработува константен број на работници.

Најинтензивната работа во складиштата и магацините се одвивала од декември до август следната година, а во месеците септември, октомври и ноември, останувале на работа само неопходните работници и службеници, најмногу стручен и административен персонал. Бројот на работниците во 1940 г., се покачил од 857 во јануари, на 1229 во февруари, 1678 во март и 1687 во април, а потоа почнал да се намалува на 1681 во мај, 1332 во јуни, 400 во јули, 398 во август, 251 во септември, 116 во октомври, 156 во ноември и 206 во декември, што значи дека просечно месечно беа вработени во 771 работник. Овој број на вработените варираше од година во година во зависност од нерамномерното производство на тутунот, исто онака како што постојано се колебаа откупните цени и основите на политиката на управите на државните монополи. Речиси 80 проценти од вработените беа неквалификувани работници, кои се регрутираа од градот и најблиските села. Женската работна сила доминираше меѓу вработените, бидејќи беше поевтина од машката. Просечната надница во тутунското претпријатие во 1936 г. изнесуваше 10,27 динари, односно просечно месечно 256,75 динари, сметајќи по 25 работни дена во месецот. Со ваквите приходи тутунскиот работник не можеше воопшто да купи каква и да било книга или да оди во кино или театар, да купи просечна облека и др. Тогаш голем број на работници често останувале без работа, два до петпати во годината. Од 1930 -1936 г. просечно обезбедената работничка надница се движеше од 23,9 проценти до 15,5 проценти, бележејќи со тоа постојано опаѓање од година во година. Со  ниските надници можеа да се задоволат само насушните потреби за одржување на голиот живот. Во некои приватни претпријатија надниците се движеа дури до 3-10 динари. Таму работниците се експлоатираа преку акордната работа. ,,Експлоатации од ваков вид се вршеа насекаде, на сите градежни објекти, каде како посредници се јавуваа разни претприемачи. Во градежништвото, монополите и разните други претпријатија вработувањето на децата и жените беше масовна појава,,.

Печалбарството претставуваше ,,особен вид на стопанисување,,. Имаше соодветно стопанско културно-просветно и политичко значење. Во некои села печалбарството беше најважна стопанска гранка, а за некои граѓани основен извор на егзистенција. Во странските земји печалбарите ги поднесуваа сите тешкотии и страдања на наемни работници. Мнозина се вклучуваа во прогресивните револуционерни движења на градските центри на тие земји. Така се формираа како свесни борци и револуционери на комунистичките движења. Со тоа печалбарството беше не само соодветен фактор на трансформација на аграрниот менатлитет и психологијата, туку и поттикнувач на менувањето на начинот на живеењето, погледите на светот и др. Во прогресивните синдикални и младински движења на странските земји се калеа како напредни и револуционерни дејци. Идејно политичките знаења и искуства интензивно ги пренесуваа на своите семејства и меѓу населението во селата и градот при престоите во нив преку летото и зимата.

Продолжува

Loading