СТАРА ЦЕНА – ПОВИСОКИ СМЕТКИ НА ЈП ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА

Препукувања меѓу ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ

vodovod-prilep-750x354

Локалните партиски организации на ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ се конфронтираат околу новите повисоки сметки на ЈП Водовод и канализација (В и К). За ВМРО – ДПМНЕ новите сметки ќе бидат дополнително осиромашување на граѓаните, додека од СДСМ соопштуваат дека водата за пиење не е поскапена.

Според ВМРО – ДПМНЕ, иако градоначалникот Илија Јованоски во предизборната кампања ветуваше намалување на сметките за вода од 20 отсто, прилепчани деновиве го сведочат спротивното.

Во изјавата на Иван Младеноски од ОК на ВМРО – ДПМНЕ  понатаму стои дека СДСМ удира повторно по џебот на обичниот граѓанин кој на своја кожа го почувствува зголемувањето на сметките за водни услуги.

-Граѓаните се гневни и измамени затоа што поверуваа дека токму новата локална самоуправа предводена од СДСМ ќе си достои на својот збор и ветувањето кое го даде. За жал и на штета на сите прилепчани, со секој изминат ден се соголуваат ветувањата кои беа нафрлани без детална анализа, колку да се добија по некој дневнополитички поен. Она што на крајот од денот го интересира обичниот народ е есапот во секоја една куќа, кој со овие поголеми давачки воведени во време на СДСМ, го осиромашува и онака сиромашниот народ кој едвај врзува крај со крај. И наместо 20 отсто пониски сметки за вода, прилепчани добија повисоки сметки за околу 60 проценти – рече Младеноски.

Тој го прекори градоначалникот дека  прилепчани гласале за 20 отсто понискии сметки за вода, а не за вработувања и поставување на директори на вашите внуци, зетови, братучеди.

-Прилепчани ве гласааа да ги реализирате предизборните проекти, а не да агитирате за смена на име, национално предавство и двојазичен Прилеп. Досегашното владеење на СДСМ, како на централно, така и на локално ниво, се покажа како крајно ненародно и дрско, кое освен што го влоши животниот стандард на секој еден, не донесе ништо корисно. Затоа мора што поскоро да заврши ова владеење. Граѓаните заслужуваат подобар живот и власт која ќе се бори за нивно добро – заврши Младеноски.

Според СДСМ цената на водата за пиење останува иста, а ВМРО -ДПМНЕ манипулира со граѓаните.

Во нивното соопштение се вели дека криминалната и антизападна ВМРО – ДПМНЕ, во обид да извлече ситни дневно – политички поени, повторно манипулира со граѓаните на Прилеп, мислејќи дека сто пати повторената лага ќе стани вистина. ВМРО-ДПМНЕ свесно ја лаже јавноста дека новата локална власт ја зголемила цената за водата за пиење. Напротив, цената на водата за пиење остана иста и таа е пониска од цената која ја препорача Регулаторната комисија. Второ, ВМРО – ДПМНЕ знае дека станува збор за воведување на нова давачка за утврдување на висината на надоместокот за пречистување на отпадните води, затоа што таквата услуга ја предвиделе токму тие во договорот за пречистителна станица, којшто во 2008 година го потпишале екс градоначалникот Марјан Ристески, тогашните министри за финансии и за животна средина и просторно планирање, Трајко Славески и Неџати Јакупи, како и поранешниот директор на ЈКП Водовод и канализација, Методија Томески. Проектот за пречистителната станица којшто претходниот градоначалник Ристески го нарекуваше историски и со кој самите предвиделе нова услуга за граѓаните, за ВМРО – ДПМНЕ е само тема за политичка манипулација со граѓаните. СДСМ останува на дадениот збор дека граѓаните ќе добиваат чиста и здрава вода за пиење по непроменета цена – стои во соопштението на СДСМ.

Loading