МАШКИ НАПОР ЗА ЖЕНСКО СРЦЕ

Жена во најмашкиот спорт – карате: Валентина Пурдеска

-Успева во тројна улога – каратист, тренер и судија

1

Уште се зборува за машки и женски професии. Дека таа поделба треба да престане, пример е Валентина Пурдеска. Цел живот успева, можеби во најмашкиот спорт – каратето. Прво како каратистка-натпреварувач, потоа како тренер, уште и судија. За едно женско суштество голем напор, а таа сето тоа лесно го совладува.

-Голем напор е затоа што кај овој машки спорт или треба да си страшно добар, на исто рамниште како нив или треба да се повлечеш. Го сакам тоа што го работам. Не се чувствувам како жена во машки спорт, оти ме ценат колегите. Како семејство сме, се поддржуваме еден со друг. Не да ми одмагаат, ами ми помагаат машките колеги – вели Пурдеска.

Цел живот во каратето, што значи почнала од дете на шест-седумгодишна возраст. Кога од девојчињата се очекува да се посветат на гимнастика, ракомет или кошарка, го избрала каратето. И лежат сите спортови. За сé има талент. Каде да се запише ќе имала успех. Од дома не знаеле дека тренирала карате. Мислеле дека е надвор у игра со топка. Но, каратето најмногу ја привлекува.

-Тогаш беа филмовите со Брус Ли. Се мислеше дека каратето е тепање. Ми се допадна оти е вештина. Не е груб спорт. Ракометот е погруб, отколку каратето. Гледаме во ракометот се штипат, се туркаат… Во каратето го нема тоа, туку има правила и е дисциплиниран спорт. Не смее да се удира надвор од правилата, за тоа има казни. Има помалку повреди, затоа што ударите  се контролирани – објаснува таа.

Девојка-каратистка. Се снаоѓа во разно-разни ситуации. Животот ја носи во непредвидено и непосакувано. Валентина нема многу такви, ами само два-три за кои се сеќава. Мажите ја потценуваат женската сила. Во деведесеттите години на минатиот век, нешто невообичаено за тоа време во центарот на градов.

3

-Тоа се ситуации каде гледаш дека попаметниот треба да попушти. И тој што напаѓа јасно му е дека не може да продолжи и се повлекува. Имав таква ситуација, во друштво на две другарки. Од тренинг излеговме да се прошетаме и еден маж од зад грб ме удри без повод и причина. Беа двајца на мотор. Едниот го фатив за врат и го сметнав од моторот, а другиот се здрви. Отстрана гледаа жени рекоа: Алал да тие ќерко! Во принцип бегам од такви ситуации, но ако е потребно умеам да се справам. Оти ако се исплаши тој што го напаѓаат – готов е. Самиот гард што ќе го заземиш, знаат со кого имаат работа – потсетува на случката, Пурдеска.

Мажите ја респектираат, другарките ја бараат да бидат безбедни. Ја чувствуваат како некоја заштита. Во секоја ситуација се сигурни. Но, мора да се знае – каратето има кодекс на однесување. Така се воспитани отсекогаш, така се воспитани и денешните млади каратисти. Овој спорт и вештина првенствено се учи за самоодбрана.

-Прво – почитување на себе си, потоа почитување на постари, почит кон салата каде што се вежба… Не напаѓај прв. Однесувај се културно и скромно. Накусо, сите позитивни работи  како од Библијата. Никаква агресивност. Вистинскиот каратист не треба да предизвикува внимание со негативни дејствија. Таа агресивност ја насочуваме кон вежбање. Целта е младите да ги израснеме во зрели личности – потенцира Валентина. 

Бргу напреднува и израснаува во врвна каратистка. Како членка на КК Енергоинвест била двапати трета во борби на првенство на Југославија, еднаш четврта во кати. Државен првак во Македонија и во двете дисциплини. Била во составот на тимот на Македонија што ја совлада САД во борби екипно. Тоа е 1992 година во Шпанија на Светското првенство. Првпат застанале на душеци, оти претходно се бореле на паркет. Резултатот 4-2 каде првата борба ја добива Валентина. Во македонскиот тим имало уште една прилепчанка – Елизабета Димоска.

-Кога се вративме, нé пречека претседателот Киро Глигоров. Тоа беше мојот најголем успех – заврши Валентина Пурдеска.

Освоени 2500 медали

-Како тренер на КК Бонсаи најголем успех ми е од Балканијада – ланското прво место за машкиот младински ката тим, а трета беше Матеја Талеска. Вкупно имаме 15 балкански медали. Вредно е и шестото место на ката тимот од Европското… Вкупно на домашни и меѓународни собравме околу 2500 медали. За жал, немаме доволно пари за патувања на сите врвни меѓународни првенства.

2Прва Македонка светски судија

-Како тренер сум првата жена-Македонка светски судија во кати и светски судија во борби. Шестата европска лиценца ја завршив лани. Затоа ги судам финалињата. Според чинот, такво судење имам. Таму се мажите. За да судиш, треба да стекнеш доверба. Во план ми се уште четири светски лиценци.

Турнир во план

-Од идната година Прилеп ќе биде домаќин на врвен турнир. Треба да е меѓународен. Многу голем. Немаме прецизирано детали, дали во Универзална или некоја друга сала. Се надевам дека ќе го направиме традиционален  со сите: клубот Бонсаи, Карате федерацијата и Општината. Срамота е Прилеп да нема турнир во иднина. Тоа ќе се случи.

Курсеви за самоодбрана

-Клубот Бонсаи подготвува обука за жени и за мажи. И мажите имаат потреба, а не само жените. Без разлика на возраста ќе запишуваме почетници. Како во странство, каде почетници има и на 70 години. Каратето е здравје. Ни лексилиуми, ни дијазепами не се потребни.

Loading