ОТПИШАНИ И ОМАЛОВАЖЕНИ

Еурокомпозит

„Заев го предлагаат за Нобелова награда за мир. Се согласуваме, но таа да биде за лага. Доста е со лажење. Секое одење вака ќе биде, така ќе биде, веќе две години. Ништо не направија“.

Ова револтирано го истакнаа поранешните вработени во Еурокомпозит, кои одржаа мирен протест  во центарот, барајќи ги заостанатите плати, неисплатените придонеси и неисплатената отпремнина.

-Пак ќе одиме пред Влада и нема да  заминеме додека не се реши ситуацијава. 28 февруари е рокот што го даде директорот дека ќе се платат отпремнините. 130 вработени зедоа по 30.000 денари, а на 24 мина по 5.000 денари. Имаме уште за земање кој по околу 60.000 денари, кој по 90.000 денари. Иако истекува рокот, не кажуваат што се случува. Премиерот Заев рече дека има 2 компании заинтересирани. Ако не бидат тие, Владата ќе реагира со 3 милиони евра од буџетот. И тој рок минува и нема ништо – вели Жарко Талески, поранешен вработен во Еурокомпозит.

Работниците велат дека на лагите им нема крај и не им останува ништо друго, освен да протестираат по улиците.

-Заминати сме месеци како технолошки виишок. Никој нé не бара, ниту претставникот на општествениот капитал, ниту Владата, ниту менаџментот. Ние сме отпишани. По првата средба со премиерот беше ветено дека за 2-3 месеци комплетно ќе се реши прашањето. Минаа 2 години и ништо не се реши – рече Цветан Бунтески, поранешен вработен во Еурокомпозит.

Поранешните вработени во државната воена фабрика се чувствуваат понижени и омаловажени

-Продолжуваме со протестите иако нé игнорираат како да сме граѓани од втор или трет ред. Се чувствуваме омаловажени. Помина градоначалникот и ништо. Барањето му го однесовме на 5 февруари. Рече дека ќе одел во Скопје и ќе се видел со Заев и Анѓушев. Уште го нема. Еурокомпозит  е државна фирма во која се работи без пари, без здравство, без осигурување. Нема друга ваква државна фирма, кажува Пеце Вељаноски, поранешен вработен.

Работниците планираат протестот да го продолжат пред Влада во Скопје.

Loading