МИНУВА И ФЕВРУАРИ, А ОТПРЕМНИНА НЕМА

Еурокомпозит пак протестира

eurokompozit

Продолжува голгота и неизвесноста за поранешните вработени во Еурокомпозит, кои заминаа како технолошки вишок. Чекаат исплата на заостанатите плати, придонеси и отпремнина. Пак одржаа мирен протест во центарот на градот. Го потсетија премиерот Заев дека лично им ветил решение до февруари или да се продаде фабриката или да се одделат средства од буџетот. 

– Уште една недела остана од месецот,  и нема ништо. Продолжуваме со протести до конечно решение за заостанатите плати, придонесите и отпремнините. Вторите 24 мина кои заминаа како технолошки вишок имаат земено само по 5.000 денари отпремнина, а ние останатите по 30.000. Треба да земиме по околу 90-тина илјади денари. Од последниот протест минатата среда никој не нé контактирал – рече Пеце Вељаноски, технолошки вишок.

Поранешните вработени истакнаа дека раководството на фирмата не може да ги исплати зостанатите отпремнини, плати и придонеси без интеревенција на Владата.-Останаа 80-тина вработени од кои само 20-тина производни работници. Другите се непроизводни. Како 20-мина да работат, а да заработат и за 50 други административци. Има 5-6 мина млади нововработени. Имаме сознанија дека 20-тина работници повторно се викнати, а како им плаќа не знаеме – вели Цветан Бунтески, технолошки вишок.

Тие обвинија за незаконски дејствија на сегашното раководство, бидејќи според нивни сознанија директорот со некаков договор на дело вратил на работата 20-мина од технолошкиот вишок. Имале сознание дека дел од колегите ги повикал директорот за дневница од 750 денари за 20 дена. Бараат трудовата инспекција да провери дали работат на незаконски начин.

Loading