БИТОЛЧАНИ СТРАСНО НАВИВАЛЕ ЗА ПОБЕДА!

Живот: Пред децении

-Црвено-бели навивачки секции имало и во Скопје, Кавадарци, Неготино, Крушево, Ресен, Охрид, Штип и на други места

Moment od eden mec

Во долгото, повеќегодишно исчекување да се изгради градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, и така да се вратат гледачите на трибините, совладуваат носталгични чувства и враќање децении назад, во најфудбалскиот дел од минатото. Тогаш да се зборувало за Победа, значело да се зборува за гледачите, за навивачите. Нив ги имало не само од градов, ами и во целава земја. Само големи фудбалски брендови ја имале таа привилегија, од рангот на Звезда, Партизан, Динамо, Хајдук, а во Македонија покрај Вардар уште само Победа. Денес тоа е невозможен ,,потфат,,, но  е чиста вистина. За Победа навивале страсно и во останатите македонски градови. Уверување доаѓа со ѕиркање во тогашните весници. Еве што пишува во 1966 година, по мечот дома со Железничар, а во пресрет на одлучувачките две последни кола во Втората југословенска лига на гости со Раднички во Сомбор и дома со Срем, каде прилепскиот тим имаше историска шанса за влез во Првата југословенска лига.

-Ретко кој клуб има толку многу приврзаници, како прилепскиот второлигаш. Илјадници навивачи од цела Македонија во овие најнеизвесни денови за Победа силно го ,,стегаат палецот,, и потајно посакуваат таа да биде член на најелитното фудбалско друштво. Минатата недела на градскиот стадион, покрај прилепските навивачи, во рекордната посета од 12 илјади гледачи, неколку илјади беа од Битола, Кавадарци, Неготино, Крушево, Ресен, Охрид, Штип, Скопје… – почнува извештајот од Прилеп,

Навивачите се мобилизирани пред историската шанса на Победа да стане прволигаш. Долг е списокот на играчи од тие времиња: Славчо Гически, Воислав Тренески, Асим Зимоњиќ, Трајче Бошкоски, Александар Конески, Симон Велкоски, Борче Ангелески, Живко Ѓорѓиоски, Борис Дамјаноски, Томе Јакимоски, Благоја Јанкулоски, Коста Јанески, Лефтер Каргов, Методија Крстески, Борис Клашев, Никола Илиоски, Слободан Соколовиќ, Иван Гарбески, Кирил Атанасоски, Гога Лашкоски, Живко Нешкоски, Круме Митрикески, Славчо Велкоски, Тито Тренески, Таки Василев, Тасе Чесноски, Кирил Анески, Милорад Божиноски, Томислав Филиповиќ, Стојан Ниниќ, Томе Георгиев, Миле Николоски, Гајо Лакичевиќ, Илија Ковачески, Петко Петков, Љупчо Зографоски. Некои дале помал, некои поголем придонес. Некои биле домашни, други засилувања од други градови што придонесло за симапатии  на клубот стотици километри подалеку од Марковите кули.

Vasko Zurovski-Навивачите доаѓаат секоја недела во Прилеп, откако Победа игра на свој терен. Нема разлика меѓу домашните навивачи и оние кои доаѓаат како гости. На стадионот се како дома. Победа е на прагот на најголемиот успех. Поддршката од трибините е потребна на прилепските фудбалери. Пред мечот со Железничар разговаравме со неколкумина. Пецо Иванов од Кавадарци  рече дека во тој град Победа има најверни навивачи. ,,Колку што навиваме за Победа, толку ја сакаме Победа,,, вели тој. ,,Во нашиот град имаме секција на љубители на Победа. Растојанието меѓу двата града не е далечно и ние секогаш сме тука. Победа е симпатична екипа. Ја сакаме од срце сите,,. Иванов од името на групата навивачи изрази мислење дека во преостанатите натпревари Победа сигурно ќе биде над Сутјеска на табелата, а тоа значи дека е главен фаворит за освојување на второлигашката титула – пишува во весниците од 1966 година.

Изгледа чудно, толку чудно од денешен агол што почудно не може да биде. Битолчани навивале за Победа! Во исто време, во недела, кога Пелистер играл во Битола, битолчаните се селат кон Прилеп и не пропуштаат ниеден натпревар на Победа. Група растела од година на година. Првин најпознат бил некој занаетчија, шапкар, Боге Кузмановски. Потоа многу се зборувало за Васко Журовски, угледен судија во Окружниот суд во Битола. Поради приврзаноста кон Победа, три години бил почесен член на Управниот одбор на ФК Победа. Во ова време еве што весниците пишуваат за него.

-Во просториите на клубот разговараше со своите миленици. ,,За Победа навивам од 1948 година. Секоја недела кога прилепскиот тим игра во Прилеп, ние сме тука,,. Има ли уште и други од Битола кои за фудбал доаѓаат во Прилеп? ,,Нема ништо чудно. Во Битола формиравме Клуб на пријатели на Победа. Во неделите  сите со различни превозни средства доаѓаме на натпреварите,,. Занимливо? ,,Зошто не. Со години Боге Кузмановски, најголемиот ,,победаш,,, ги организираше во групи сите кои навиваа за Победа и под негово водство правевме неделни фудбалски викенди до Прилеп,,. Како станавте член на Управата на Победа? ,,Во 1963 година, другарите од Битола ме предложија да ги врачам честитките и желбите до драгите прилепчани. Потоа еден прилепчанец со задоволство ме предложи да влезам не само во пленумот, ами и во потесниот управен одбор. Предлогот сите го поддржаа,,. Ќе успее ли Победа во овој ,,фудбалски маратон,,? ,,Да. Јас и сите останати од Битола не само што сме со желбите заедно со нашите миленици да ја поделиме нивната и нашата најголема радост, туку цврсто веруваме дека Победа ќе стане прволигаш. Треба да се издржи натпреварот со Раднички во Сомбор,, – пренесува тогашниот печатен медиум.

Naslov vo pecatot

Таа 1966 година е пример за заедништво. Цела Македонија држи среќа за нејзиниот најголем успех. И Скопје, град што го има Вардар, не е исклучок. Доаѓаат и скопјани во Прилеп да го гледаат прилепското фудбалско чудо. Меѓу скопјаните најзагреан бил Даре Бошковски, берберот. Тој, како и другите ,,тифози,, од главниот македонски град, секоја недела купувал железнички билет од Скопје до Прилеп да гледа убав фудбал и да навива за Победа.

Ангел од Велес

И во поново време Победа останува феномен. Има навивачи од останатите македонски градови. Пред 15-20 години имаше еден од Виница кој постојано доаѓаше на стадионот со избричена глава, на која од косата оставаше само шест букви – Победа. Многубројни беа симпатизерите од Струмица, а најпознат беше Жика Лорка, кој ги знаеше напамет сите состави од второлигашките сезони на екипата. Сега нема кој не слушнал за Ангел Тошевски, жител на Велес. Патува секаде: Охрид, Битола, Скопје, Штип, Струмица… Секаде во црвено-бела опрема. Велешани, неговите сограѓани, се чуделе:

-Гледав меч Борец – Победа – Валандово, а облечен во дрес од Победа. Ме прашуваат: Како се вика голманот од Победа? Не знам, првпат го гледам. Нели си валандовчанец? Не. Ами зошто на грбов ти пишува Победа? Тоа е Победа од Прилеп, не од Валандово! Значи – прилепчанец си? Не, не сум. Во Кавадарци сум роден, во Велес живеам, а за Победа од Прилеп навивам – објаснувал Ангел.

Два часа пренос на телефон

Дури во Австралија значи името на Победа. Мечот со Перуџа, летото 1999 година, некој наш сонародник не можел да гледа ни телевизиски ни да слуша радио пренос и морал да се снаоѓа поради непогодните технички можности на медиумите. Се јавил по фиксен телефон во Прилеп и барал некој од домашните. Сите заминале на стадион, само некоја постара жена останала. Ја замолил да го вклучи телевизорот каде што има фудбал, да ја држи слушалката до телевизорот за тој да слуша што се случува во Прилеп. Така и жената и тој издржале два часа. Може само да се претпостави каква дебела сметка платил за потрошените импулси, но кога е во прашање Победа бил подготвен и на тоа.

Loading