СВЕТОТО ТЕЗЃЕ НА ЕСНАФИТЕ

Запис за Прилеп на Марко Цепенков.

prilep star

Слушано од старите луѓе од детинството во Прилеп  имало 30 еснафи. Поистакнати биле табачкиот, терзискиот, кантарџискиот, казанџискиот и кожуварскиот. Сите одамна имале еснафски закони. Првиот им е тестирот (турски збор дестур – слобода). Тој се врзувал на 50 години еднаш. Од сите најнапред бил табачкиот еснаф, бидејќи табаците имале строга дисциплина. Мајсторите на табаци први го вовеле, а потоа го приминиле и други еснафи, оти со тој обичај се напредувало.

Цепенков понатаму пишува дека во1833 година се сетиле неколку еснафи да направат тестир. Први биле терзиите, алачкиот (памукчискиот), папуџискиот, ковачкиот, кантарџискиот и клинчарскиот занает.

Над сите еснафи имало устабашија, Турчин, еден ќеаја од турскиот терзиски еснаф и еден устабашија од нашите терзии. Двајцата устабашии, кога ќе се јавела потреба, се решавале за своите еснафи. Па и за другите,  кога имало мачни прашања што не ги решавале нивните устабашии. Ако не можеле да пресечат, се обраќале кај кадијата за конечно решение.

Терзиските устабашии ги поканиле устабашиите од другите еснафи на вонредно собрание. Ги убедиле да направат тестир. Секој еснаф се подготвувал за учество. Терзиските еснафи први, најнапред отишле надвор од градот на манастирот Света Богородица, Трескавец. Било определено тестирот да се прави таму според стариот обичај. Ги поканиле на церемонијата војводата, (турскиот управител, после се викале забит, мудур, па кајмакам), кадијата, муфтијата, мудурот и сите еснафи што сакале. Променети во велигденски алишта сите еснафлии и другите поканети се собрале надвор од градот меѓу тулбињата и Караташките лозја. Младите, деликанлиите, Турчиња, и нашинчиња биле променети во турски алишта и вооружени. Тапаните свиреле, а младите играле оро, фрлале пушки и пиштоли во воздух. Радоста била општа, бидејќи имало братска љубов. Турците знаеле дека христијаните им биле оставени ,,тари аманет,, од пророкот и дека им биле ,,топрак-кардаши,, (земни браќа, земјаци). Затоа им подавале рака за помош. Оттогаш постепено исчезнало братољубието меѓу Турците и прилепчаните. Не останале никакви еснафски односи. Откако се собрале сите еснафлии, се упатиле за манастирот. Цела недела се веселеле и играле. Пред манастирот имало распнат шатор под кој седеле војводата и другите. На зелената трева, настрана, биле наредени сите мајстори. Почнала церемонијата да се сврши тестирот и да си одат в град. Секој мајстор и калфа што не учествувал во тестирот, тогаш го примал. Мајсторот одел во шаторот и се претставувал пред првите устабашии со крстосани раце, стоејќи исправен. Устабашиите го советувале како да се однесува спрема постарите мајстори, спрема калфите и чираците и спрема сите еснафски луѓе, па дури и спрема муштериите. Потоа му врзувале еден пештемал од десната страна во знак на достоинство, да се наречува мајстор. Така, калфите ги произведувале во калфабашии, а чираците во калфи. Откако им го врзувале пештемелот под мишката, устабашијата ги удирал со рака по плеќи и им велел по турски – ,,Ајде козум, уста олдун чираам ол,, – (ајде чедо, мајстор стана, чирак биди ми), а на калфата му велел  – ,,Ајде кузим, калфа олдун, устада екмек сес’н,, – (ајде чедо калфа стана, кај мајсторот леб да јадеш). Секој мајстор, калфа или чирак со повисок чин му бакнувал рака првин на војводата и потоа со ред на сите. Откога ќе ја свршеле церемонијата, се упатувале в град, на чело со војводата и другите старешини. По нив сите еснафлии, наредени рамо до рамо, а од страните  – калфабашиите со по едно шарено стапче в рака се грижеле за редот. Стигнувале в град и се запирале на мегданот пред градскиот часовник. Тука играле оро и фрлале пушки и пиштоли додека да се стемни. Со оваа церемонија се свршил последниот тестир во Прилеп и од тогаш до сега веќе не правел тестир.

Во детинството, зборот тестир често се употребувале од еснафлиите и устаоглиите.

 -Бев чирак кај покојниот аџи Петко, Коне Чонин Каранџулов и брат му Пере кои починаа во Ќустендил. Ми се случи да стапнам на тезѓето и кога ме видоа, ми рекоа – ,,Зошто газиш на тезѓето, бре Марко? Ти не си тестирлија или устаоглија, та да го газиш,,. Тезѓето беше свет предмет за еснафските луѓе кои се колнеа и велеа: ,,Жими тезѓаот! Тако ми тој тезѓа, ако те лажам, жими овај тезѓа,, што ме рани,, – пишал Цепенков во записите.

Старите живи мајстори уште ги чуваат тестирските закони. Цепенов од нив собирал податоците за овие обичаи, од папуџиите, терзиите, кантарџиите, ковачите, табацтеи, клинчарите и други.

-Една недела по церемонијата отишле и папуџиите на ливада близу до селото Леништа, таму да направат тестир. На гости отишол целиот табачки еснаф, бидејќи интересите им биле најтесни. Имало гости од други еснафи.. Откако се веселеле неколку дена, ја направиле церемонијата, се вратиле со со песни и гајди редум нередени. По извесно време отишле и кантарџиите, ковачките и клинчарите на манастирот Свети Спас кај селото Зрзе, 5-6 часа далеку на запад од Прилеп. И овие еснафи, како другите, направиле тестир и среќно се вратиле во градот. Другите еснафи, иако ветиле, не направиле  тестир, зашто, од една страна, немале парични средства, а од друга, не биле согласни меѓу себе – пушува Цепенков.

Loading