ВЕЧЕН ДОМ НА ВЛАДИКА И ЗАЦЕЛУВАЊЕ НА БРАДАВИЦИ

ДВА МЕРМЕРНИ СПОМЕНИКА ВО СТАРАТА БОЛНИЦА

2-Stolb-so-girlanda1

Два мермерни столба во четириаголна форма високи околу 1,5 м. и со релјефи стојат во исправена положба крај оградата на старата болница и ,,срамежливо,, ѕиркаат низ оградата. Местото е познато како ,,Владиков гроб,,. Се верува дека спомениците имаат исцелителна моќ, посебно за брадавици. Голем број луѓе навечер оставаат шишиња со вода, а рано наутро доаѓаат да ја земат водата. Миејќи се – велат – ,,брадавиците да останат тука,,. Заминуваат без да погледнат назад. Дали преданието е творештво на измачениот дух на владиката од Трескавец, тешко е да се каже. Останува традиционалното верување за лекување на брадавици.

Познатото предание за царицата Мара и запустувањето на манастирот Трескавец крие еден трагичен лик со необично трогателен психолошки комплекс. Тоа е владиката кој единствен го преживеал колежот во манастирот, направен од лутата жена на султанот. Како сведок на колежот на стотици калуѓери, тој преживеал тешки трауми со сликите од пискотниците, молбите и агонијата на стотиците монаси, кои завршиле под мечевите на војниците од придружбата на царицата во манастирскиот двор. Масакрот предизвикал реки калуѓерска крв која го наполнила дворот, манастирот и црквата, заедно со конаците.

Несреќниот владика никој не сакал да го прибере. Бил презрен од верниците и црквата која сметала дека направил голема грешка што не í дозволил на силната царица да се причести и исповеда во црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот. Ниту Грците, уште помалку Турците не сакале да го примат. Ја прими мухамеданската вера, макар и привидно. Не успеал да ги убеди Турците во искреното приоѓање кон нивната вера. Го убиле грозоморно, го заклале на отворен простор и го оставиле на улица, целиот во крв. На закланиот владика никој не се осмелил да му пријде во моментот на агонија. Само едно дете клекнало крај нег. Му ја зело главата во крв во соспствениот скут. Детето на рацете имало многу брадавици. Притоа се случило чудо. Бидејќи брадавиците  биле натопени со крвта наа закланиот владика, сосема, исчезнале. Така се создало преданието и исцелителната моќ на гробот на владиката. Турците сепак, му посветиле внимание како владика. Од стари споменици и од светиот престол на старите цркви во Варош, украсени со релјефи, му направиле гроб на периферијата од нивните гробишта во Ѓогдере. Да се знае дека бил владика, ставиле четири столба на на вечниот дом. За овој владика се пее и песната ,,Каде се чуло видело, Владика Турчин да бид’,,.

4-Stolb-so-ambient-од-2012-shishinja-so-voda-za-lek

Гробот на владиката е уште еден материјален доказ за трагичното доживување на овој несреќен лик од старото предание. Јордан Хаџиконстантнов – Џинот пренесува дека  гробот не е на владиката, туку на некој испосник со име Арсо. Тој напишал дека во испосникот од пештерите не í допуштал на царицата Мара скверно да ги прими крвта и телото на Исуса Христа. Нема поцврста аргументација дека лицетое владика илидедот Арсо, Арсениј.

Двата мермерни столба во четириаголна форма зрачат со нагласена естетика. Украсени се со релјефи од гирланди со растителни мотиви, особено винова лоза, но и со други мотиви, како форми со небесна симболика, како симболи за влез во рајот и небесниот мир и сл.

Според пишувањето на Георги Трајчев, гробот бил направен од 4 столба како оние два кои се денес се на местото. Била поставена мермерна плоча. Според тоа, се стекнува впечаток дека грбот во таква форма бил во времето кога тој живеел, што значи дека конструкцијата била компактна во првите децении на минатиот век. Тоа значи дека плочата исчезнала во последните 70-80 години.

Ако се земе предвид дека со манастирот Трескавец се поврзуваат имињата на повеќе владици во времето на царица Мара, не е исклучено некој од нив трагично да завршил во времето на турското ропство. Еден од таквите владици е Давид на кого манастирот му е доделен во владение како мулк од страна на турскиог султан. Таквата судбина можеби го втасала некој од старешините во манастирот.

Loading