ПЛАНИНАРСКИ МАРШ ЗА БИТКАТА НА МАРГАРА

Кај селото Чаниште во Мариово

margara

Неколку десетици планинари направија своевиден меморијален поход во месноста Маргари кај селото Чаниште во Мариово, одбележувајќи ја годишнината од славната борба на комитите и турскиот аскер пред 115 години.

На оваа локација четата на Ѓорче Петров дојдена дури од Пиринска Македонија се сретнала со четите од костурско на Лазар Поп Трајков и Иван Попов. Договориле да ја саботираат железничката пруга во леринско, кај селото Сорович. На пат за леринско во постилинденскиот период, четите биле следени од аскерот во Мариово. Комитите се лоцирале на 2 октомври 1903 година на Чукарките западно од селото Чаниште. Информираниот аскер ги опколил. Четите успеале да се повлечат на највисокиот врв Маргара. Во големата битка, околу 150 комити се извлекле од обрачот и извојувале своевидна победа на над 5.500 турски војници.

Битка е една од најголемите од времето на Илинденското востание. Македонските борци, водени од војводите Ѓорче Петров, Лазар Поп Трајков, Иван Попов и Лука Иванов, им нанесле тешки загуби од околу 400 добро вооружени турски војници и се спасиле, повлекувајќи се во Мариово со 4 убиени комити и 8 ранети, меѓу кои бил и Лазар Поп Трајков.

Пред Илинденското востание, Ѓорче Петров од Бугарија подготвил чета за учество во престојното востание за ослободување на Македонија од долговековното турско ропство. Со 130 комити, добро вооружени, тргнал за Македонија, верувајќи дека востанието е силно разгорено. Петров копнеел порано да се вклучи во ослободителната борба.

Loading