АНТИЧКА ТВРДИНА НА ВРВОТ КОЊАРНИК

МЕЃУ СЕЛАТА КОКРЕ И ПРИЛЕПЕЦ

P8050265-v1-1024x626

На врвот Коњарник западно од селото Кокре и источно од селото Прилепец, се среќаваат остатоци од дебели и цврсти ѕидови кои, според нивните димензии, упатуваат на уште едно силно утврдување од древните времиња. Врвот е на 1538 м. североисточно од манастирот Св. Никола, кај Прилепец, и околу половина километар југоисточно од тврдината Марков Ѕид, која се наоѓа во понискиот дел на планината. Амбиентот е исклучителен со високо исправени карпи, познати како Стоговите.

Тврдината на Коњарник била расположена на поголема површина, на, најмалку две највисоки тумби, заштитени со дебел и цврст ѕид. Раздвоени се со природно седло на растојание од околу 100 м. Се чини дека целиот простор биле дел од интересно утврдување, кое располагало и со други содржини во внатрешниот простор. На зарамнетите површини се наоѓаат значителни остатоци од цврсто обѕидие, кое заштитувало еден простор меѓу карпите на врвот. Јасно се забележува и една од кулите од тврдината. Ѕидот бил цврст, граден со камен и малтер дебели до 1,8 м. Поголемиот дел на јужната тумба е заграден со стрмни карпи, а отворена е страната која гравитира кон втората тумба, која исто така, била дел од тврдината. Втората тумба зафаќа доминантен простор со широк поглед кон Пелагонија и Мариово. Располага со остатоци од заштитните ѕидови, како и со засечени делови од карпите на повисокиот дел, кои биле прилагодувани за ѕидот на тврдината и на другите градби во неа.

Археолошки остатоци се среќаваат и по карпестиот срт. Видливи се делови од ѕид и значителни количества керамика, главно, покривна и градежна, но и фрагменти од керамички садови. Според жителите на Кокре, керамиката од Коњарник се користела за изработка на фурните во селото. Тоа укажува на постоењето на повеќе градби покриени со керамички покриви. Тешко е да се каже за каков вид на градби станува збор. Може да се претпостави дека во антиката опстојувала фортификација за постојано присуство на луѓе, можеби војска или сл.

Посебно внимание привлекуваат градежната керамика и фрагменти од садови керамиката по сртот. Просторот имал посебно значење во развиениот период на македоското кралство, кога тоа било често напаѓано од племиња. Не е исклучено да се кријат и други содржини со посебен култно-религиски карактер. Затоа не се заборават кружните форми од камени плочи на  месноста Шаторите.

Коњарник го поврзувал стар и широк пат чии остатоци ги има и денес. Бил направен со потѕидоци, калдрма и камени плочи. Некои делови биле пробиени во издалабени премини. Се претпоставува дека патот продолжувал кон селото Кокре во Мариово. Многуте мермерни споменици укажува на постоење значајни градби во антиката. Иако планината што ги дели Прилепец и Кокре е мошне висока, присуството на археолошки содржини, укажуваат на заемност на двата простора. Поврзани се античките населби кај селата Прилепец, Волково и Чумово и кај Кокре, од другата страна. Фактот што на натпис од селото Кокре, кој е испишан на еден жртвеник во чест на божицата на ловот и заштитничка на бракот, Артемида, се споменува град, чие име не е наведено, упатува дека бил на местото на принесувањето на споменикот – жртва. Се претпоставува дека двете населби од градот Пелагонија – Триполис.

Третиот дел од овој центар во римското време може да биде населбата кај селото Пештани до Кокре со највисокиот дека Градиште и остатоците од друга тврдина. Античката населба кај Пештани е позната како Достонеј. Утврдено е од најдените мермерни споменици со натписи со ова име.

Коњарник е врв на 1538 м. Тој упатува дека тврдината е една од највисоките во Македонија, веројатно и на Балканот. Јужно е врвот Висока, со силно утврдување на 1472 м, Веслец, меѓу селата Штавица, Бонче и Марул е уште понизок, односно, 1344 м, додека врвот Градиште, меѓу селата Кокре и Пештани во Мариово само 1322 м.

Преданија

Едно од преданијата за Коњарник говори дека имало градби за чување на коњи. Затоа е наречен Коњарник. Површините на планината се богати со ливади со трева и со извори на вода. Тоа упатува на добри услови за чување на коњи како најзначајни транспортни животни во постарите периоди.

Жителите на Прилепец пренесуваат на Коњарник постоело старо светилиште, манастир со црква или сл.

Самиот факт што врвот Коњарник е еден од повисоките врвови на овој дел од планината и е висок 1538 м, упатува на помисла дека тврдината која била изградена на него е една од највисоките тврдини во Македонија, а веројатно и на Балканот, а можеби и на поширокиот простор. Јужно од овој врв се расположени и други врвови, кои биле утврдени, но нивната височина е значително помала. Врвот Висока, која располага со силно утврдување е висок 1472 м, Веслец, меѓу селата Шатвица, Бонче и Марул е уште понизок, односно, 1344 м, додека врвот Градиште, меѓу селата Кокре и пештани во Мариово само 1322 м.

Значи, Коњарник, односно тврдината на овој врв зафаќа највисока позиција во овој дел од Македонија и, барем ние, не знаеме за повисоко поставена тврдина во Македонија. Заедно со значителните и впешатливи археолошки остатоци со кои располага овој локалитет, неговата атрактивност станува уште поголема.

Loading