ВАРЕНИ ШИНИ

ivce1Разговор што одвреме-навреме преминува во препирка. Еден од присутните кажува дека пред некој ден патувал за Скопје. Првпат со новиот воз.

– Во четвртокот бев во Скопје, – вели. – За првпат патував со новиот воз. Имав слушано дека бил многу убав, но не верував дека баш олку бил убав. Прекрасно.

– А во што е толку прекрасното? – прашува другиот соговорник.

– Во сé. Вагоните многу убаво естетски обликувани. Чисто. И што е најважно – никаква бучава. Знам дека, особено на оној дел кај тунелите, кај Гостиражни, Богомила е страшно. Тресење, тропање – неподносливо. Со овој, новиов воз, е толку мирно, тивко, како да не си во воз.

– Бучавата, тропањето и тресењето не зависат од вагоните – упаѓа другиот соговорник.

– А од што друго? Не се белки овие вагони со гумени колца.

– Не ти се јасни работите – вели соговорникот.

– Тоа убаво го знам. Точно е дека вагоните немаат гумени колца, но причината за немање бучава и тресење е во нешто друго. Во тој дел, а можеби и насекаде, пругата е варена. Порано, шините беа составувани на парчиња. Се поставуваат шини со определена должина, се зацврстуваат со праговите, а потоа друго парче шина се поставува на истиот начин. Се разбира, сосема доближани една до друга. Кога минуваат тука колца се создава тресење и тропање. Сега не е така, шините сега се варени и нема никакви споеви. Ете, затоа нема тресење и тропање, а не дека вагоните биле убави.

Добиваше разговорот малку понагласени тонови. Се колебавме дали да се замешаме. Едниот соговорник беше доста самоуверен, па дури и арогантен. Не можевме да издржиме. Го прашавме, какви се тие варени шини.

– Како какви? – одговара тој. – Па варени, швајсувани.

– А значи заварувани – рековме.

– Па, добро, нека се и заварувани, но подобро е варени. Оние мали парчиња што отпаѓаат при варењето нема белки да ги викаме ЗАВАРЧИЊА. Тоа си се ВАРЧИЊА. Секое такво парче претставува ВАР.

Престанавме со распрашување. Сфативме дека не вреди да се разговара. Човекот е цврсто уверен дека е тоа ВАРЕЊЕ и дека нему му се јасни тие работи. У ште еднаш ни останува разочарувањето за јазичните грешки. Во нашиот јазик глаголот ,,вари,, и глаголската именка ,,варење,, се мошне употребувани, но со сосема поинакво значење – варење храна, варење ракија, варење кафе и многу други. Во еден од нашите речници (тритомниот) одбележан е глаголот ,,вари,, но упатува на ,,заварување,,. Значи, тоа е точното. Ние би рекле тоа и исклучиво само тоа. Оттука имаме и именка ,,заварувач,, – лице што заварува. А дејството, глаголот ,,заварува,, означува спојување метални делови со загревање, со апарат за заварување. Да се завари нешто може да значи да се најде, да се состане со некого – ,,Дојдов, но не те заварив тука,,.

Сме доживеале и една смешна ситуација. Ја однесовме колата на поправка кај мајсторот. Ни објасни дека не ќе може денеска да ја заврши таа работа. Имал за варење три ауспуси. Тогаш правеше пауза. И нарачал на жена му да му направи кафе. Не покани да седнеме, да испиеме кафе. И се обрати, í викна на сопругата: ,,Свари уште едно! Да го испиеме, па треба да почнам да варам,,. Го свари и го донесе жена му кафето. Го испивме, поразговаравме и се договоривме кога да дојдам за мојот проблем. И така, жена му свари кафе, ние  заминавме. Мајсторот остана да вари ауспуси.

Ете така. Вариме шини, вариме ауспуси, вариме манџи, вариме кафе, само знаењето на својот јазик не го испековме. Колку ли време ќе треба да го испечеме тоа? Или поточно, колку време ќе треба да почнеме да мислиме на тоа. Како тоа да е најневажната работа на светот. И насекаде така. Каде и да се заврти човек. Фирми, реклами, натписи, ТВ емисии, синхронизирани преводи на разни сериски филмови, политички говори, разно-разни формулари! Грешка до грешка. Ќе има ли крај?!

Loading