НЕМА ДА СЕ ПОВТОРИ ЛАНСКОТО ИЗДАНИЕ НА ПРИЛЕП

Ракомет: Почнува Супер лигата за мажи

 – Опстанокот нема да биде доведен во прашање – смета тренерот Велјаноски

Moment od mecot Prilep -  Lovcen

По долга летна пауза викендов стартува Супер лигата за мажи во која учесник е екипата на Прилеп. Конкуренти се новите Бутел (Скопје) и Струга, досегашните Вардар јуниор,Пролет (Скопје), Еурофарм, Пелистер (Битола), Борец (Велес), Охрид и Радовиш. За успешно претставување, прилепскиот тим имаше 40-дневни подготовки, со одиграни два пријателски меча во Дојран (победи со Повардарие и Млаз) и уште два на турнирот ,,Миле Нешкоски,, (порази од Струга и Ловќен). Оценките се на тренерот Пеце Велјаноски.

-Задоволен сум од сработеното. На физички план добро се подготвија сите играчи. Тоа што беше планирано се реализира. Резултатите на тестовите не беа во преден план, каде и не бевме комплетни со неколку отсутни.

Имате нови?

-Голманот Крстески, бековите Мачавелов, Ролевски, Органџиев, Тодоровски, пивотот Шулевски. Ни треба уште еден голман, без кого ќе биде потешко.

Заминати?

-Од поискусните замина само левото крило Петкоски. Но затоа пак од Охрид се врати пивотот Ѓорѓиески. Имаме подмладена екипа со три-четворица поискусни и со таков кадар ни останува да се бориме.

Амбициите?

-Некаде околу средината на табелата. Опстанокот нема да биде во прашање. Борец е млада екипа, Пелистер и Еурофарм се фаворити, натаму се Пролет и Охрид, Радовиш па и ние сме тука некаде. Сакаме на сите да им се спротивставиме па што ќе биде – нека биде.

Бутел е првиот противник?

-Играме на гости кај тимот што го води тренерот Игор Котевски. Имале добри подготовки, млада екипа се со неколку засилувања. Тие се дебитанти во лигава и ние ќе одиме на победа. Имаме добар распоред: второ коло ни гстува Борец, третото одиме на Вардар јуниор. Тоа е можност за добар есенски залет.

Некако се консолидиравте?

-Направивме костур, една постава квалитетна, за другото ќе работиме посветено, оти се млади, неискусни. Затоа приоритет ќе биде средината од табелата, да не се повтори ланската сезона кога одвај се избегна бараж.

Условите?

-Се прават напори за подобри услови. Наша желба е барем два тренинга и натпревар да имаме во Универзална сала. Салата ,,Ричко,, секако е алтернатива, но Универзална е место каде има амбиент. Таму народот е навикнат да доаѓа и да ги полни трибините.

Женска лига

Успешен старт

Екипата на Деспина со 29-19 дома го совлада Овче Поле, на отворањето на сезоната во Женската лига. Стартот е според очекувањата, а прв посериозен тест на можностите е викендов кај Металург во Скопје. Овој тим покажа дека е кандидат за титулата со убедливата победа дома над Стружанка. Одлично се претстави и Пелистер со триумф над Цемс во Скопје, а изненади младиот Вардар со ремито дома против Куманово.

Loading