1315 БАРАЊА ЗА ОБЕШТЕТУВАЊЕ ОД НЕВРЕМЕТО

piperka-1-702x336

До 3 август до комисијата за проценка на штетите кај селата Мало и Големо Коњари, земјоделците поднесоа 1.315 барања за обештетување од последиците од јулското невреме кога беше уништен родот на околу 600 хектари.

– До крајниот рок, 3 август се поднесени 1.315 барања за обештетување на родот на тутунот, насадите на пиперки, пченка и други култури. Трите стручни комисии во рок од 30 дена треба да проценат, да направат извештај и елаборат кои ќе бидат поднесени до советот на општина Прилеп и до второстепената владина комисија за процена на штетите – вели Жарко Северкоски, претседател на комисијата за елементарни непогоди.

Градскиот совет ќе пренамени средства за обештетување на земјоделците кога ќе го добие извештајот.

Земјоделците од Мало и Големо Коњари, Кадино село и населбата Варош ги живеат најтешките денови.

-Од шесте декари со тутун годишно вадам два тона. Штетата е околу 10.000 евра. Сега нема ништо. Ако потераат стебленцата, во што не се надевам, ќе може да се ублажи штетата и нема да биде сто отсто, туку 90 проценти. Родот не е осигуран, бидејќи осигурителните компании тешко обештетуваат. Сега за семејството да има што да работи, од роднини добивме тутун на подарок да го сработиме да не биде годината без ништо – вели Софроние Мишески, тутунар од Мало Коњари.

Земјоделците се надеваат дека ќе добијат надомест.

-Од 12 декари тутун нема ништо. Не сум добил никакво обештетување. Се надевам дека нешто ќе се направи да бидеме обештетени – вели Љубен Мишески од Мало Коњари.

Извештаите и елаборатот за штетите од јулското невреме треба да бидат готови во почетокот на септември.

Невремето со градот со големина на орев ги погоди насадите со тутун, жито и други култури и на земјоделците им зеде сé, дури и надежта. Разочарани и очајни бараат сто пороцентно обештетување на нивниот труд. Секојдневно повикуваат за помош и не гледаат никаков излез доколку властите не им излезат во пресрет.

Loading