БИТКАТА ЗА ГОЛМАНСКИОТ ДРЕС ЈА ВОДАМ СО АМЕРИКАНЕЦ

Davor TaleskiФудбал: Давор Талески, голман во Финска

Во клубот Хонка конкурираат четворица голмани

Еден од верните показатели за нечија спортска вредност е настапот во странство. Токму тоа му се случува на Давор Талески (23), бившиот капитен на Победа. Стои меѓу стативите на финскиот прволигаш, Хонка, моментно третопласиран на табелата. Ги сумираме впечатоците по заминувањето од градов, зимоска.

Како беше преминот?

-Сосема неочекуван. Најпрво добив понуда од финскиот прволигаш Лахти. Таму минав петдневни тестови, а во тие рамки одигравме пријателска со Хонка. По неколку часа и од нив добив понуда, што без размислување ја прифатив.

Прилагодувањето?

-Не беше лесно првите месеци, но се адаптирав. Веднаш застанав на голот на куп-натпреварите. На три меча успешно го чував голот. Еден од дуелите беше со финскиот шампион Хелсинки.

Условите?

-Најпозитивно сум изненаден. Не очекував дека во Финска сé е најпрофесионално. Имаат одлична инфраструктура и за лете и за зима. Имаат свој тренинг-комплекс. Задоволство е да се биде дел од овој клуб.

Конкуренцијата за голманското место?

-Голема е. Четворица голмани сме. Битката за прв голман ја водам со искусниот, 31-годишен Американец, Тимоти Мареј.

Оценка за одбраните?

-Задоволен сум. На 10 меча имаме осум победи, едно реми и само еден пораз. Тој е токму со шампионот Хелсинки, каде во 15 минута го заменив Мареј, кој доби црвен картон. Игравме без двајца исклучени играчи. Имав доста одбрани и бев прогласен за играч на натпреварот.

До крајот на сезоната?

-Првин посакувам здравје. Моментно тренерот нé ротира двајцата, мене и Американецот. Се надевам дека ќе се зацврстам на првата позиција поради добрите претходни настапи. Посакувам излез во Европа. Можно е со оглед на 3 место од табелата.

Каков е контактот со нашинците?

-Во Финска има многу Македонци. Со голем дел контактирам. Имам и чичко, Саше, кого го поздравувам преку вашиот весник. Тој многу ми помогна на почетокот.

Македонскиот фудбал?

-За него се информирам како претходно кога настапував. Победа и моите другари ги следам секој ден. До пред неколку месеци бев нивни соиграч, а сега сум им најголемиот навивач. Ми е драго што останавме во Првата лига. Редно е да направиме чекор напред. Заслужуваат Победа, Прилеп и најдобрите навивачи. 

Loading