ИСПОЛНУВАЊЕ НА СОНИШТАТА

3 Angela Naumoska akterАнгела Наумоска, добитник на награда за актерка на МТФ „Војдан Чернодирнски“

Ангела Наумоска е млада актерка од ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ која се закити со наградата за најдобра актерка во претставата „Клетници“  на прилепскиот ансамбл на годинашното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Тоа беше поводот за разговор со неа.

Што претставува фестивалската награда?

Добив сосема неочекувана награда. Не верувам дека некој би останал рамнодушен на вакво признание за неговата работа. Наградата значи дека некој, кој не ти го познава начинот на работа, кој не го следи процесот на создавање на претставата, го гледа крајниот производ и го вреднува резултатот со награда. „Некој“ е публиката која гледа и наградува со аплауз. Без публика, не сме актери.

Колку беше предизвик улогата да се „донесе“ на сцената?

Улогата на Фантин не ја гледам како предизвик, туку како задоволство. За мене претставите не се предизвици. Тие се исполнување на соништата. Една претстава е рамна на еден сон. Веројатно многу сонувам… Ако публиката вели дека е предизвик, тоа значи дека добро одговарам на предизвиците. На сцената ништо не „е носи“. На сцената се живее.

Што значи да си дел од „Клетници“?

Да си дел од претставата „Клетници“ значи да си дел од една група на енергии и идеи, дел од едни битија кои исто дишат, различно размислуваат, веруваат неизмерно, работат неуморно, сакаат безусловно. Да сублимирам во еден збор – екипа.

Млада актерка и награда. Што значи едно вакво признание за еден актер?

Не познавам стар актер. Вие познавате? Нема стари актери. Има актери кои се позрели, ама никако стари. Признанието за мене значи да не се откажувам.

Зад тебе се повеќе улоги. Кој лик досега најмногу ти ,,легна,, и што би сакале да играте на сцената?

Сите ликови кои сум ги одиграла ми се подеднакво драги. Сите се дел од мене. Сите сум ги правела колку што сум знаела најдобро. Благодарение на колегите, тие се подобрувале. Сакам да одиграм што повеќе. Немам посебна улога која можам да ја именувам. Сé сакам, сакам да одиграм. Се надевам дека наградата ќе ми биде ветер во грб, едно од скалилата за поголеми успеси.

Loading