Од недела стартуваат Интернационалните ликовни работилници – Интернационална сликарска колонија, Интернационалниот скулпторски симпозиум ,,МЕРМЕР,, Интернационално студио за пластика во дрво, Интернационално атеље за скулптура во метал и Интернационално атеље за уметничка фотографија на Центарот за современа ликовна уметност (ЦСЛУ) Прилеп. Посебен акцент ќе биде ставен на 55 годишното опстојување на Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер. Јубилејот ќе биде одбележан на 29 јуни.
Во симпозиумот оваа година ќе учествуваат Гиусеппе Страно Спиту – Шпанија, Марина Стопоња – Хрватска, Татјана Каравелиќ – Србија, Милија Стојановиќ – Црна Гора, од Македонија Давид Атанасоски и Никола Смилков, кој е дел од организацијата нат Интернационален скулпторски симпозиум ,,МЕРМЕР,,.
-Кога се говори за историјата и почетоците на Интернационалните скулпторски симпозиуми, тогаш неизбежно е да се спомне Движењето на Интернационалниот скулпторски симпозиум предводено од Карл Прантл во Австрија во 1959 година. Оваа иницијатива се зголемува заедно со појавата на потребата од полесна комуникација и размена меѓу меѓународната скулпторска заедница. Така првиот Интернационален скулпторски симпозиум се одржува во напуштен каменолом во Санкт Маргаретен во Бургенланд, каде се собираат скулптори од целиот свет да создадат постојано јавно уметничко творештво од локален камен, динамика која ќе обезбеди модел за многу симпозиуми кои следат. Оттогаш се одржуваат скулпторски симпозиуми во многу градови низ светот. Со гордост потенцираме дека токму нашиот Интернационален скулпторски симпозиум ,,Мермер,, – Прилеп е еден од првите во светот, поточно во 1963 година, шест години по формирањето на првата Интернационална сликарска колонија, се појавува желба како и потреба за организирање на нова ликовна манифестација во Прилеп. Овие 55 години низ манифестацијата минале 164 скулптори од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Италија, Романија, Унгарија, Полска,,, – велат организаторите од ЦСЛУ.
На Интернационалното атеље за скулптура во метал ќе учествува нашиот скулптор Марјан Стојаноски, додека Интернационалната сликарска колонија со дела ќе ја збогатат сликарите Ивана Настевски, Ѓоко Антониев, Наде Тоскоска, Драшко Михајлоски, Лепа Милошеска, Елизабета Макеска, Александра Богоеска, Анита Сотироска, Верче Николоска, Маја Најдоска, Емилија Ѓорѓиоска, Александар Џинго, Павлина Илиеска. На Интернационалното студио за уметничка фотографија ќе творат Јане Темелковски и Божидар Барлакоски. На Интернационалното студио за пластика во дрво ќе создаваат Методи Исков. Изненадување ќе биде реализацијата на идејата на нашиот прилепчанец Емил Димоски.
Од ЦСЛУ велат дека творците ќе имаат уметничко дружење и творење.
-Десет дена уметност која останува и ќе ги потсетува наредните генерации за нашето постоење. Идејата за формирање на сликарската колонија се раѓа есента 1956 година, конечно да се реализира 1957 година, со формирањето на Центарот за современа ликовна уметност и во неговите рамки првата ликовна манифестација во Прилеп, сега веќе една од најстарите ликовни колонии на Балканот и во Југоисточна Европа. Низ годините се развива, а колекциите на ЦСЛУ овозможуваат избор на најразновидни експозиции од областа на сликарските и вајарските дисциплини. Творците од различни ликовни средини од земјава, Европа и другите континенти, во текот на летните сеанси создаваа творби со кои е збогатена ликовната уметност и ризницата во Прилеп – потенцираат од ЦСЛУ.