ПОБЕДА Е ЕДИНСТВЕН КЛУБ ШТО НЕ ОТПАДНАЛ ОД ПРВАТА ЛИГА

ФУДБАЛ:  Во баражот со 2-1 беше совладан Борец 

-И Вардар го снајде најлошото, но се спаси по фузија со Миравци

IMG 4603

Победа како клуб (секако вклучувајќи ја тука и некогашната што освојуваше титули) не прославувала опстанок, но во саботата беше исклучителен момент кога со триумфот врз Брец (2-1), во баражот во Струмица, го спаси прволигашкиот статус. Многу околности се закануваа за отпаѓање, особено хендикепот со играњето 37 натпревари настрана – на гости или на неутрален терен, а никогаш дома, така што ова е успех. Оттука оправдана е радоста и прославата. Треба да се додаде уште еден податок. Победа е единствениот клуб кој никогаш регуларно не отпаднал од Првата лига (ако не беше одлуката на УЕФА во 2010 година, ќе се натпреваруваше во елитата сите 27 шампионати). И Вардар отпадна (се спаси со фузија со Миравци) и Силекс, Работнички, Шкендија…

-Клучен беше опстанокот преку потешкиот пат, баражот. Се надевам дека тоа нема да биде повеќе практика. Визијата за наредниот период е да се направи Победа европска, достоинствена за Прилеп и Македонија. Следи акционен план за нова организациска структура. Целта е професионален фудбалски клуб. Битно е да се постави систем, а кога има систем и буџет, врз таа основа клубот нема да зависи од поединецот, туку се ќе биде тимски. Кога имате систем, се работи само во интерес на клубот – вели Ирена Јакимоска, вд. претседателката.

Најтешкото мина. Многумина даваа предност на Скопје во првенството, дури и на Борец во баражот, сметајќи дека има вмешани нефудбалски сили. Сé падна во вода. Победа одигра одлично прво полувреме и по водството од 2-0 беше јасно дека велешани се далеку од изненадување.

-Како што се договоривме во соблекувалната, излезе крајот. Фудбалерите имаа забрана да изнесуваат информации. Затоа што на некој начин околу клубот и низ градот имаше насобрано негативна енергија. Победа е име кое во минатото се борело само за врвот и трофеите. Затоа се надевам само на успеси. Им се заблагодарувам на сите играчи. Управата воведе професионализам, како ретко досега. Во Победа не се можни импровизации. Пробаме да го кренеме клубот на повисоко ниво. Ќе успееме да направиме екипа за Европа – смета Тони Мегленски, тренерот.

Највозрасниот во тимот, Гешоски, скоро две децении го носи дресот на Победа. Уште дава придонес. По однесувањето на теренот никој не го поставува прашањето дали уште ќе игра, туку уште колку години сака да игра. Висок, корпулентен, за секоја одбрана е страв и трепет. 

-Се заблагодарувам на Управата, на спонзорите. На Мегленски му честитам на успехот за опстанокот. Минавме тешка сезона. Се надевам дека наредната ќе се бориме за Европа.  Би сакал да останам играч во клубот. И ќе останам – најавува Гешоски.

Забава во септември

Ќе има собир или забава за сите што се тука меѓу нас, сите што партиципирале во клубот. Со тоа потврдуваме дека клубот е на градот, на Прилеп. Сите играчи, тренери или биле во управата, сите легенди, дури и надвор од Македонија, ќе ги повикаме на забава. Ќе биде и екипа што успеа да го избори опстанокот.

Помош за тренерите

-Разговаравме за идејата клубот да може да партиципира, финансиски да помогне досегашните играчи да можат да се едуцираат или како тренери или како судии. Прилеп нема судии во највисок ранг, или има само еден. Сакаме повеќе судии и тренери кои ќе го зголемуваат нивото на фудбалот. На ваков начин покажуваме дека се грижиме за играчите.

Најдовски во Вардар

Ќе има промени во играчкиот кадар. Играчот за врска, Филип Најдовскии, веќе е во Вардар. Формирана е комисија за засилувања. Се очекува посилен состав од лани.

Победаш меѓу велешани!

Победа е име опкружено со феномени. Познатиот навивач, велешанец,, Ангел Тошевски, во саботата патувал од Велес до Струмица и назад, заедно со навивачите на Борец. Сакал да биде облечен во дресот на Победа, но го спречиле. Сепак на трибина навивал за саканиот клуб, иако во групата со велешаните.

Во шеговит стил рекол: ,,ФФМ ги измеша категориите. Како да играа деца од прво со деца од четврто одделение,,.

Loading