МАРУЛ ВО „МАТИЧНИТЕ“ КНИГИ (12)

Фељтон: Белешките на Томе Велјановски

Screenshot 1– Со цел да ги заштити од заборавот, марулчанецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг, во Шведска пренесува податоци за венчавките, склучените бракови и карактеристични настани. Изнесените факти се според сеќавањата на Велјановски. Записите се оригинални, со правописни грешки и дијалект.

Број 7: Вдовици од с. Марул со деца или без деца што заминале во други населени места

8. Домазетицата Мара Гулабоска се премажи за вдовецот Ристе Димески од с. Црничани. Гулабоски Николе (1832 – 1912) и неговата жена Штркоска Дуна (1835 – 1910) од с. Путурус, живееја на северниот крај во с. Марул во прадедовската гулабова рајатска куќа. Николе и Дуба имале пет деца, сите женски: Бисера, Милка, Менка, Ристана и Мара. За наследник во куќата ја оставиле родителите најмладата ќерка Мара. На Мара родителите и зеле момче дома, зет Тале Кормак од с. Маково во 1896 година. За свадбата на ќерката Мара, таткото Николе позајми три турски лири од прилепскиот пријател Аце Џуке со пишан документ кога да ги врати парите. Кај Гулабовци животот одел убаво до 1898 година кога отишол Николе во Прилеп да му ги врати парите на Аце Џуке. Аце Џуке направил лажлив преварувачки документ, наместо да стои 3 лири стоело 300 лири. Николе пресудата ја губи. Бидува истеран од сиот негов куќен и полски имот. Имотот го завладеал Аце Џуке и се добило негово име, џуќева куќа, џуќево огратче, џуќеви нивје кои и ден денес носат име Џуќеви. Дотогашниот раненик кај Николе, внук од сестра му Гулабоски Велјан ганачо се налутил, се делил и платил три лири кај бего утоски Тефик за покрив над главата за неговата фамилија и фамилијарно оди да момокува кај истиот бег. Фамилијата на Николе ја напушта својата родна прадедова куќа и отиде да момокува кај бегот утоски Осман, брат на Тефик и Амдија. Од нервозата што му ја направил, Џуке Николе добил оток, под гушката и ја носел до неговата умирачка во 1912 година. Неговото потомство момокувало кај утовци до доаѓањето на српската војска во ноември 1912 година во нашето село каде извршила голем варваризам, ги запалиле беговските кули куќи сосе жито, момците останале без покрив на главата и без зрно жито за прехрана. Куќата од бего за момците изгледала како штало, долга педесетина метра. Од едната страна била за лежење на момците, од другата страна лежела крупната стока. Наутро ќе поминел ќаата качен на коњи и ги будел момците за на работа. Српската војска тотатлно ја изгорела. Момците се разбегале. Дашо Видан отишол за Бонче, Гулабовци Тале се преселиле во заедница кај Велјан Гулабоски во момската куќа кај бегот Тефик. Трајко Плускач заминал во Штавица. Дуцановци се иселиле во с. Бистрица под Битола, броеле близу педесет членови, биле исклани од гркоманите. Се вратило само кучето и долго време виело по чаура, си ги барало стопаните. Го примиле гулабовци кај нив. Си заминала српската војска во есента, октомври – ноември 1915 година, дошла бугарската војска. Извршила мобилизација над сите луѓе од машки пол, необучени ги отерале на фронтот од Битола до Гевгелија. Кормак Тале, мобилизиран, отеран на фронтот, фамилијата дома му гладува, двете деца Василка и Благуна умреле од глад и болест. Таткото Тале тешко ранет на фронтот го пуштиле на домашно лекување. Тале Кормак од жал за децата Благуна и Траенка од здобиените рани на фронтот од глад починал во дворот на рацете на Гулабоски Велјан ганичо во летото 1917 година. Откако Мара ги изгубила децата Василка и Благуна и мажот Тале си ја зела со нејзе малата ќеркичка Крста и се исселила во Прилеп. Во Прилеп Мара се запознала со вдовецот Ристе Димески од с. Црничани и се премажила за него. Среќата на Мара  била кратка со новиот маж. Мара се разболела и умрела во Прилеп. Гулабовци не научиле каде е погребана. Крста останала да живее и понатака при очувот Ристе. Откако завршила војната во 1918 година Ристе Димески се вратил во с. Црничани, со него ја зел паштерката Крста. Откако подпорастила Крста очувот Ристе Димески ја омажил за Ристе Кузумо во с. Дедебалци. Крста кај кузумовци се подомакинила, изродила и изгледала седум деца. Алекцо, Трајан, Кристо, Благоја, Љуба, Добрица и Ѕвезда. Сите се удомени и имаат потомства.

9. Вдовицата Трајаница Сребра Јанкоска се премажила за Митре Дурашоски во с. Добрушево. Во летото 1918 година војникот Јанкоски Ѓорчев Трајан си дошол на одмор од фронтот. Трајан се заљубил со девојката Јованоска Митрева Сребра и ја зел бегалка. Дошла мајка и Митрејца за да ја праша дали силум е земена или самата сакала дошла. Сребра ќерка и не и се јавила. Се расплакала мајка и Мара и рекла: Ах мори ќерко Сребро, дали сега е за мажење. На фронто луѓето паѓаа покосени како снопје, ти ќе се мажиш. Самата не знаеш до кога ќе бидеш со маж! На одењето мајка и Мара И рекла: Како не те крстија л_ј_н_о, туку те крстија Сребра! Војната завршила, Трајан преживеал, си дошол дома. Мајка и Мара била Дашоска. Трајан уште не одморен од фронтот, со братучед му Павле Плускач  од с. Штавица, како искусни отворачи на бомби отишле на фронтот во с. Црничани, отворале бомби и го земале бакарот од бомбите. Почнале со работа, една бомба експлодирала, двајцата ги разнесла на парчиња. Сребра постанала вдовица кај Јанковци. После годината од загинувањето на мажот Трајан, се премажила Сребра за Митре Дурашоски во с. Добрушево. Сребра и Митре имаат едно дете женско со име Аргида. Родителите за Аргида имаат земено домазет по име Панде Панајата. Тие имаа свое потомство.

Продолжува

Loading