ЗЛАТНИОТ ЧОВЕК ОД ДЕРВЕН

Фактот што преку превојот Дервен поминувал пат уште од најстарите времиња води кон претпоставки дека околу него се можни остатоци од различни објекти и предмети кои потекнуваат од неговото користење како простор за запирање на навлегувањата од север или како простор на кој се живеело. Можеби водени од таквите претпоставки, често разни групи и трагачи по скриени богатства доаѓаат и го раскопуваат теренот од двете страни на превојот. Од таквите авантури, на полјанките од двете страни на патот и на околните повисоки места се среќаваат остатоци од помали или поголеми јами раскопани со надеж дека тука се крие посакуваното богатство. Некои од трагачите доаѓаат подготвени со сознанија од историјата, со карти и со апарати кои им помагаат во потрагата.

Дека таквите потраги не завршуваат секогаш со разочарување, покажуваат разните гласини за наоѓање “ексклузивни” археолошки наоди. Еден од таквите наоди за кој се вели дека бил пронајден на  Дервен своевремено посебно ги возбуди духовите кај дел од јавноста која негува пиетет спрема археолошките богатства.

Се споменува една фигура на човек, наводно, изработена од злато (големината е тешко да се одреди според кажувањата), која била продадена на купувач од Грција. Иако се кажува и цената, за која, наводно, била продадена, тоа сосема не е важно за заинтересираните за вистината на корените на цивилизацијата на македонскиот простор. Важно е и жално што фигурата, ако е најдена, веројатно, засекогаш е загубена за нашата археолошка наука. Затоа не е можно идентификување како фигура на бог кој бил култ на овој простор, на човек кој егзистирал во некое древно време или нешто слично кое би било значаен аргумент за древната култура, за естетското достигнување на тоа време. Нејзиното наоѓање укажува на други содржини во кои таа се наоѓала во своето активно учество во естетиката на некаква просторија или на некаков култен објект. Зашто сосема е тешко да се верува дека такви скапоцени предмети можат да се најдат случајно. Колку слични археолошки предмети од овој и другите краеви на Македонија се наоѓаат во некои непознати витрини, овде не е место да говориме.

Тренчо Димитриоски

новинар и публицист

Loading