НОВИНАРКАТА И ШЕФКЕТ ИБРАИМ

ivce1Морничав настан. Тринаесеттогодишно девојче, штитеник на домот „25 Мај“ забременило и абортирало. Нема да навлегуваме во суштината на приказната. Ќе пишуваме за нешто друго. Сите сме среќавале приказни со наслови: „Царот и овчарот“, „Давид и Голијат“ , „Принцот и просјакот“ и други. Во ваквите приказни, обично, поумен, посилен или покурназ излегува онај помалиот или онај посиромашниот. Во нашава приказна сличен е случајот. Ја гледавме и ја слушавме таа грозна приказна, во програмите на повеќе наши телевизии. Она што нé интересира и што ни го привлече вниманието, речиси насекаде беше исто. Ќе се задржиме на една телевизиска програма. Новинарката зборува надолго и нашироко. Го објаснува одвратниот настан. Се спомнуваат иницијалите на евентуалните виновници. Присутни во емисијата и родителите на девојчето – Фикрија и Шефкет Ибраим, од ромска националност. Објаснуваат дека одлежале затворска казна поради питање. Ја терале нивната ќерка да пита. Поради тоа, девојчето им било одземено и одведено во домот „25 Мај“. Сега родителите си го бараат девојчето. Го барале и порано. Таткото вели дека нема повеќе да пита. Поради питањето лежел во затвор и повеќе нема да го повтори тоа. Мајката исто така. Вели дека го оставила питањето и сега си го бара детето назад. Поради што го пишуваме ова? Ги употребивме неколкупати зборовите ПИТА и ПИТАЊЕ. И едниот и другиот (брачната двојка) биле ПИТАЧИ. Тие луѓе, се гледа дека не се многу писмени, но зборуваат, би рекле, на коректен македонски јазик. Чудно ни е со новинарката! Таа ги прашува зошто ПИТАЧЕЛЕ и зошто го терале девојчето да ПИТАЧИ. Којзнае колкупати ги употреби зборовите ПИТАЧЕЊЕ и ПИТАЧИШ! И, еве сме сега во почетокот на насловот. На самиот наслов – „Новинарката и Шефкет Ибраим“. Односната именка гласи – ПИТАЧ, глаголот е ПИТА (питаат,) а глаголската именка – ПИТАЊЕ. И еве сега чудо! Шефкет и Фикрија велат како што треба, како што е правилно, а новинарката, наместо ПИТАЊЕ вели ПИТАЧЕЊЕ. Наместо ПИТА таа вели ПИТАЧИ. Жалосното е во тоа што таа не е осамена. Што таа не е единствена што ја прави ова грешка. Уште пожално е што ова го прифаќаат и локалните телевизии, мислат дека, штом во скопските ТВ куќи е така, веројатно така и треба.

За ова сме се изјаснувале и порано. Еве уште еднаш. Шефкет нé натера на тоа. Господа новинари! Именката е ПИТАЧ, оттука и дериватите ПИТАЊЕ и ПИТА (питаат). Зар не знаете дека оној што ЧИТА е ЧИТАЧ, а ЧИТАЧОТ ЧИТА, а не ЧИТАЧИ. Тоа е ЧИТАЊЕ, а не ЧИТАЧЕЊЕ. СКИТАЧОТ СКИТА, а не СКИТАЧИ. Неговото дејство е СКИТАЊЕ, а не СКИТАЧЕЊЕ. Примериве се сосема слични, и сосема јасно ја објаснуваат грешката – ПИТАЊЕ, а не ПИТАЧЕЊЕ. Тоа го знаат Шефкет и Фикрија, а не го знае новинарката!

Слушнавме една ужасна јазична конфузија. Господинот – политичар, но од разговорот се гледа дека неговата професија е поврзана со економијата. Зборуваше на некоја од нашиве телевизии. Ја објаснуваше состојбата на некоја фирма. Некој комбинат. Не го следевме од почетокот. Но, јасно беше дека комбинатот најверојатно ќе оди во стечај. Ситуацијата била мошне тешка. Во еден момент односниот господин вели вака: ,,Него го прети стечај,,. Простете господине, но заслужувате нешто повеќе отколку критика. Па, и дете од основно училиште не би конструирало ваква реченица. Замислете – ,,Него го прети стечај,,! Првата грешка е во заменската форма НЕГО, треба – НЕМУ. Втората, уште поголема. Во нашиот јазик не постои ниту именка ПРЕТЊА, ниту глагол ПРЕТИ. Кај нас тоа е ЗАКАНА. А глаголот – ЗАКАНУВА (се). Значи: ,,Нему му се заканува стечај,, или уште подобро ,,На комбинатот му се заканува стечај,,!

Слушнавме на една контактна емисија извесен слушатал кој се нервира за нечистиот јазик. Вели дека вината е во тоа што сите дојденци во Скопје зборувале на својот дијалект. Не ќе да е баш така. Споменатите господа погоре се високообразовани. И се школувале на македонски јазик, а не на некој дијалект.  

Loading