ДИРЕКТОРСКА СМЕНА ИЛИ ПАК ШТРАЈК

Вработените од 11 Октомври – Еурокомпозит предупредуваат

Истекуваат 48 часовниот рок за смена на менаџерскиот тим во 11 Октомври – Еурокомпозит кој го побараа вработените од Владата. Во спротивно се закануваат дека ќе го активираат штрајкот. Иако работниците во државната фирма за наменско производство добијаа по 22 илјади денари, на средбата со вицепремиерот Кочо Анѓушев им било ветено дека Владата ќе ги сменела директорите.

– Имавме сознанија дека раководството има финансиски криминал. И Анѓушев потврди. Рече дека има криминал и ќе бидат веднаш сменети. Не сакаме во овие 6 месеци да продолжиме со ова раководство, бидејќи ни е страв дека повторно ќе ни ги украдат парите – вели Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација на Еурокомпозит.

Работниците се жалат дека добивале и закани од раководството дека ќе бидат избркани од работа оние кои биле најбунтовни за време на штрајкот.

Директорот Александар Кузески изјави  дека бил назначен од Владата и само таа можела да го смени доколку требало да дојде до тоа.

– Бараат заостанати плати, но според наследеното се забележува дека во месеците кога вработените биле во штрајк, бил постигнат договор со синдикатот за исплата на 70 отсто од платите што не е по закон. По закон за тие месеци не им следува само 60 отсто првите пет дена од штрајкот, а понатаму само исплата на придонесите по минимална основа. Така драстично ќе се намалат побарувањата на вработените. Претпоставувам дека една од причините за смена на раководниот тим е таа – вели Кузески.

За обвинувањата за криминал истакна дека стои зад секоја одлука и зад секој негов потпис. Соодветните институции и органи најдобро е тоа да го кажат. Компанијата немала сопствено возило и неговиот превоз е согласно одлуката на бордот на директори.

Loading