ТУТУНОТ Е ЛЕБ И ПРОФИТ

Иако со задоцнување, тутунарите пред нов предизвик

-Над 13 000 семејства ќе одгледуваат тутун и годинава на поголеми површини

Vreme za podgotovka na lei tutnski rasad

И годинава ќе се бере тутун како лани, ама повеќе. Не се изневерува повеќевековната традиција на прилепчани, оти тутунот им е во крвта и им претставува леб за повеќе илјадници семејства. Се проценува дека во прилепско ќе одгледуваат тутун над 13 илјади семејства. Атрактивните лански цени ги враќаат тутунарите на нивите. Дури се позачестени се идеите за зголемување на површините во споредба со лани. И субвенциите за квалитет од 80, за прва, 70, за втора и 60 денари, за трета класа го прави тутунопроизводството сé поатрактивно.

 Стручнаците очекуваат раст на продукцијата за најмалку 10 проценти, поради стимулативните цени во просек од околу 220 денари и недостигот на оваа култура во околните конкурентни земји. Затоа тутунот од ориенталниот тип се бара повеќе, а со тоа и ќе се плаќа поскапо. Проекциите се дека ќе има ,,турканици,, меѓу откупувачите. Годинава ќе има десет откупувачи или еден повеќе од лани. Тие ќе водат конкурентска битка за килограм повеќе, во која би требало ,,маста,, да ја вкусат тутунарите преку повисоките цени.

Иако подготовката на расадот доцни поради временските неприлики, високата влажност на почвата, тутунарите веќе кројат планови за претстојната сезона. Поголемиот дел веќе најмиле поголеми површини. Затоа се поткренати и цените на кириите на нивите. Поголемите производители уште отсега капарат надничари, берачи, ги авансираат, потпишуваат договори да не се најдат во ,,небрано,, во екот на расадувањето, особено за периодот на бербата.

Тутунските здруженија бараат од откупувачите поскапо вреднување на трудот. Оценуваат дека треба да бидат повисоки откупните цени, особено за третата класа. Количествата од оваа категорија се најзастапени во вкупниот квантитет, додека цената од втората до третата класа има голема разлика.

-Ќе преговараме со откупувачите за корекција на цената на третата класа, но и за првата и втората. Ќе се бориме. Очекуваме разбирање. Имаме полно аргументи за повисоки цени, како што е растот на цените на репроматеријалите и повисокиот квалитет на продукцијата, повисоките цени на работната рака, поскапувањата на горивата – велат од здруженијата на тутунарите.

Додека не почне сеидбата на леите за тутунски расад, при крај е издавањето на евиденциони листови или т.н. бели картони во Министерството за земјоделие. Годинава се очекува да биде последна на ваков начин на евиденција на производството со малтретирање на тутунарите по собирање на документи. Се проценува дека родот во прилепско годинава ќе ,,тежи,, над 17 илјади тони.

Годинава од ланскиот род на тутунот во прилепко ,,влегуваат,, над 45 милиони евра, вклучувајќи ги субвенциите кои наскоро треба да им бидат исплатени на тутунарите.

Loading