НАСЛЕДЕН ДОЛГ ОД ПЕТ МИЛИОНИ ДЕНАРИ

„ЈКП Пазари наследило долгови од околу пет милиони денари и работењето е доведено во прашање“. Ова го соопшти директорот Кристијан Илиески, додавајќи дека финансиската состојба на претпријатието во крајно тешка. Според него, ЈКП не може да функционира доколку не добие субвенции од општината од четири милиони денари.

Според првиот човек, кога во ноември бил назначен за директор, фирмата била без денар и со неисплатени плати за 27 вработени.

– Затекнав околу пет милиони денари долгови. За ДДВ преку два милиона денари и уште 300.000 денари камати. За неплатен данок на имот околу 300.000 денари, на вработените за неостварени права според колективниот договор за 2015 година претпријатието должеше 700.000 денари и уште 460.000 за минатата година. Претпријатието има обврски од 550.000 денари. Уште не се знае кому и што должиме – вели Илиески.

Се пофали дека успеал да исплати 2,9 милиони денари кон вработените и за неплатен ДДВ.

За Илиески, посебно сомневање буди продажбата на млечниот пазар,  наспроти големиот зелен пазар.

– Сомнителна е продажбата на поранешниот пазар за сирење. Тој допрва ќе се истражува. Претпријатието го загуби просторот и не доби ниту денар. Зошто Управниот одбор се откажал од просторот во корист на општината – праша Илиески, додавајќи дека постојат индиции за сомнителните трансакции и за Сточниот пазар.

– За уредувањето на сточниот пазар, претпријатието инвестира 4 милиони денари. Со промената на деталниот план, општината го одзела имотот. Угостителскиот објект на ЈКП Пазари е продаден за екстремно ниска цена од околу 13.000 евра – објаснува Илиески.

Новото раководство ќе се стреми да го врати сјајот на зелениот пазар и да почне нова ера на рентабилно работење.

Loading