ЌЕ ГИ НАВАСАМЕ ЛИ ГРЕШКИТЕ

ivce1Оглас во дневен весник. Ќе цитираме само една реченица: „Избор на директор на МРТ и заменик на директорот“.

Огласов е пишуван од службите на МРТ. Таму каде што треба да се знае и да се употребува чист македонски јазик. Што има овде нечисто? Се провлекува редовна грешка, што ја слушаме редовно кај политичарите и во сите телевизии. Значи, ќе требало да се избере директор и заменик на директорот. Зошто во тие институции каде има повеќе лектори се повторуваат ваквите грешки? Зошто не сфатија дека тоа е титула? ЗАМЕНИК – ДИРЕКТОР, а не заменик на директорот. Потценување е тоа ако се рече дека тој и тој му е заменик на директорот. Нема никаква потреба да се употребува предлогот ,,на,, (Заменик на директорот). Во таа група спаѓаат и другите изрази како: ЗАМЕНИК – МИНИСТЕР, ПОМОШНИК – МИНИСТЕР, ПОМОШНИК – ПРЕТСЕДАТЕЛ, и така натаму. Се членува втората именка: ЗАМЕНИК – ДИРЕКТОРОТ, ЗАМЕНИК – МИНИСТЕРОТ и слично. Никако не – заменикот на министерот или на директорот. Грешката е дотолку поголема што во овој случај произлегува од МРТ.

Се прават и други грешки кога станува збор за обраќање спрема вакви лица. Слушаме на телевизија разговор на министерот за транспорт и врски со извесна новинарка. Новинарката вели: ,,Министре, Вие,,… Потценувачко обраќање. Нема тука никаква потреба од вокативна форма. Обраќањето треба да гласи: ,,Господин министер, Вие,,… Исто како што би се рекло: ,,Господин заменик – министер, Ви благодарам за присуството,,.

За човековите права слушаме мошне често да се зборува. Кршење на ЧОВЕКОВИТЕ права, непочитување на ЧОВЕКОВИТЕ права и така натаму. Слушнавме на телевизија: ,,Совет за човекови права,,. Е тоа е веќе грешка. Мошне честа. Во ваквата ситуација именката ЧОВЕКОВИ треба задолжително да биде членувана. Не Совет за ЧОВЕКОВИ права, туку Совет за ЧОВЕКОВИТЕ права. Станува збор воопшто, за сите права на човекот затоа именката ЧОВЕКОВИ треба да биде определена, односно да биде членувана. Можеби е подобро, кога се зборува за тие права, да се вели ПРАВАТА на човекот. Но, еве, доминира изразот ЧОВЕКОВИ права. Добро, може и така, но, неопходно е членувањето.

Недисциплина во сообраќајот. Се вози пребрзо, не се почитуваат сообраќајните знаци, се вози под дејство на алкохол. Го објаснува новинарката сево ова, зборува околу неодговорното возење. Вели: ,,Скопските улици личат на тркачки стази,,. Во една прилепска продавница, со крупни букви е напишан асортиманот на производите. Покрај разно-разни теписи, постилки, имаме и СТАЗИ. Го немаме ние тој збор – СТАЗА. Го немаме и не ни е потребен. Тоа е кај нас ПАТЕКА. Нели имаме на пример ,,Трка на кратки патеки,,, значи не на СТАЗИ. Од глаголот ВРВИ имаме изградено именка ВРВИЦА. Тоа е кривулеста или стрмна планинска патека. А може и да се рече дека ВРВИЦА е насока на движењето на животот, кариерата, активностите и така натаму. Во српскиот јазик и тие планински, стрмни патеки се викаат СТАЗИ. Имаме и ПАТЕКИ и ВРВИЦИ. Никако СТАЗИ.

Народните приказни се застапени често на програмите на телевизиите. За жал, јазичните грешки ги среќаваме редовно. Во една приказна, еден од ликовите го критикува својот соговорник. Му вели: ,,Мрзата те навјасала,,. Оваа грешка сме ја слушале и на други места, не само во приказните. Па нели се знае дека глаголот гласи НАВАСА, а не НАВЈАСА. Значи, успеал некој нешто да НАВАСА, да СОВЛАДА. А може и сонот некого да НАВАСА.

Опасно е кога ќе не НАВАСА неписменоста и негрижата за јазикот.

Loading