ОД СЕ ПО НЕШТО

ivce1Политичар од повисоките редови. Го објаснува случајот дека извесен В.Д директор, управувајќи возило во алкохолизирана состојба удрил во девојка и ја повредил. Потоа, веднаш си поднесол оставка. Политичарот, исполнет со огромна желба да не увери дека е ептен на страната на правдата, вели: ,,Секој мора да поднесе одговорност,,. Ни соопшти дека в.д директорот си поднесол оставка (која му била уважена), а сега вели дека треба да си ПОДНЕСЕ одговорност. Ги испомеша значењата на овој збор. Оставка може да се поднесе, може да се поднесе молба, да се поднесе пријава и така натаму. Но, одговорност не може да се поднесе. Одговорноста секој мора да ја ПОНЕСЕ, да ја прифати вината, да одговара за евентуалниот прекршок. Не може да ја ПОДНЕСЕ. ПОНЕСУВАЊЕ и ПОДНЕСУВАЊЕ не е исто. Да се надеваме дека тоа беше само моментна грешка на политичарот, па белки не ќе има потреба да ,,поднесува,, одговорност.

Пронајдена била мртва девојка во тоалетот на некој трговски центар. Шокантно и трагично. Смртта настанала од предозирање со наркотички средства. Слушавме коментар од компетентно лице. Објаснува дека постоеле ампули кои помогаат во случаи кои можат да го спречат најтрагичното. Лесно можеле да се употребуваат. Во еден момент господинот вели: ,,На крај краева, лекот може да го даде секој,,. НА КРАЈ КРАЕВА! Каде ли го најде овој израз. Каква мана му најде на нашето: ,,На крајот на краиштата,,. Би можело да се рече и – НАЈПОСЛЕ! Може, секако, да се најде и друг начин да се објасни дека секој може да го даде лекот. Ете, господинот го избра српскиот израз: ,,На крају краева,,.

Редовно се емитува извесна музичка емисија. Се јавуваат непознати, неафирмирани пејачи, ги манифестираат своите способности. Ги оценува жири – комисија, составена главно од пејачи од поранешните југословенски републики. Гласаат, даваат определени оценки. Сите зборуваат на српски јазик. Ама, нашата ТВ настојува да  помогне да ги разбереме искажувањата. Има превод. Тие зборуваат, а ние читаме, го читаме текстот што го зборуваат. Една членка на жирито објаснува дека не е задоволна од интерпретацијата, вели: ,,Не допада ми се жестина,,. Таа вели така, а нашиов преведувач го превел тоа и ние го читаме: ,,Не ми се допаѓа жештината,,. Замислете, песната била жешка, имала жештина. Зборот ЖЕСТОК (жестоко, жестина) го има и во нашиот јазик, но тоа ни случајно не значи – ЖЕШТИНА. Жесток бил гласот на пејачката, значи бил непријатно силен, дејствувал нападно на слухот. Жесток може да се рече и за човек кој е неодмерен, груб. Имаме и жесток алкохол. Но тоа не значи дека сиве нешта што ги набројавме се жешки. Тие се ЖЕСТОКИ. Ама ете, нашиов преведувач вели дека во песната имало жештина. Жестоко се излагал. Секако, не би рекле дека жешко се излагал.

Објаснува презенерка нешто во врска со загадувањето на воздухот во Скопје. Загадувачи биле и оние што се грееле со ДРВЈА. Па, ни обичните продавачи на огревни дрва не би рекле така. Тие што служат за огрев се дрва, а оние што растат во природата, по планините, ете ти се ДРВЈА. Треба да се прави разлика меѓу ДРВА и ДРВЈА.

За крај честа грешка. Новинарката зборува за црквата Рождество на Пресвета Богородица. Вели – РОЖДЕНСТВО, како што слушаме мошне често – БОЖЕНСТВЕН, наместо БОЖЕСТВЕН, ВЕЛИЧЕНСТВЕН наместо ВЕЛИЧЕСТВЕН. Зошто и до кога?

Loading