ПАРИ ЗА ПРЕТСТАВИ, ИЗЛОЖБИ, КОНЦЕРТИ, ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО

Позната програмата за работа на културните институции во 2018 година

Министерството за култура ја објави програмата за работа во 2018 година на културните институции во земјата, вклучувајќи ги и прилепските, со која велат дека е обезбедена силна поддршка за културни проекти кои градат општество за сите,  децентрализација на културата и еднаков пристап до неа, за сите граѓани подеднакво. Според програмата во ЦК “Марко Цепенков” годинава, театарот со подршка на Министерството ќе подготви четири претстави. “Галеб” од Чехов, режија Нела Витошевиќ, “Пинокио” од Карло Колдони, режија Дарко Ковачовски, “Пиреј” од Петре М. Андреевски, режија Љупчо Ѓорѓиевски и “Демократија” од Јосиф Бродски, режија Кирил Петревски, за што се одделени три милиони денари. Со  285.000 денари ќе се реализираат концерти од музичко сценската дејност (концерт на групата “Монистра”, на академискиот хор “Мирче Ацев”, на мешаниот хор Драган Шуплевски, како и концерт на класична музика насловен “Вечер со пијано”). Ќе се поддржи и работата на танцовото студио Зодијак и октетот Прилеп. Од фолклорната дејност Центарот доби пари за манифестацијата “Балкански фолклор 2018”, за настапот на “Танец” и за работата на КУД “Моминок”. За ликовната дејност се одделени 687 000 денари за 29 изложби на прилепски и реномирани  македонски уметници, меѓу кои ретроспективна на Васил Костов, на Атанас Атанасоски, Дарко Талески, Јасмина Руневска, Катерина Деспот, Методи Исков, Сергеј Дамовски… Со 100 илјади денари поддржано е издавањето на два двоброја на списанието за литература, уметност и култура “Стремеж”. Пари има и за  реконструкција на покривот и санација на влезното фоаје на театарот “Војдан Чернодрински”.

Танцовото студио Зодијак доби 150 илјади денари за претставата “Малата сирена” во адаптација и режија на Кире Миладиноски.

Општината Прилеп е подржана за организација на карневалот Прочка, а КУД “Пере Тошев” за концерт. Ансамблот “Мирче Ацев” од Тополчани за годишна работа. ЦСЛУ по неколку годишна апстиненција доби 200 илјади денари за традиционалните Интернационални ликовни манифестации. Министерството ќе следи и проект на невладини организации.

Завод и Музеј доби пари за заштита на недвижното културно наследство и за други проекти. Точно 35 милиони денари има за обнова на опожарените конаци и изработка и реализација на проектите за црквата, трпезаријата, магерничкиот конак и магерницата на манастирот Трескавец. Ќе се реконструира подот и олтарната преграда во црвката Св. Никола во селото Манастир. Непосредно ќе се заштитува овој манастир. Ќе се следи и конзервацијата на жртвеникот и партерното уредување на просторот, локалитетот бедем – Стибера кај селото Чепигово. Ќе се конзервираат и реставрираат фрескоживописите на црквата Св. Илија во селото Мелница. Средства има и за препокривање на спомен домот на Блаже Конески. Продолжуваат археолошките истражувања на Стибера и др. Музејот е поддржан за етнолошко етнографската поставка “Потковица на животот”, за конзервација на наоди од метал, на реевиденција на икони како споменици на културата, библиографски материјали, живопис и архитектура на црквите и манастирите на територијата на Прилеп, Кривогаштани, Крушево, Тополчани и Долнени (и во тие рамки и регионот Мариово), истражувачки проект за турски мурови – печати, проект Лапидариум (250.000 денари) и за фото монографија за Ченто, како и пари за откуп на етнографски предмети и за набавка на домашна и странска публикација.

Финансиски средства од три милиони денари се одобрени за 53 издание на МТФ “Војдан Чернодрински” и 300 илјади денари за Фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски”.

Министерството оддели пари за пет проекти од Институтот за старословенска култура. 

Loading