Со повеќе манифестации, меѓу кои и синоќешната изложба на слики во Даут Пашиниот Амам во Скопје, а претходно и со промоција на монографија, се одбележуваат 100 години од раѓањето на големиот прилепски и македонски уметник Борко Лазески. Тој остави неизбришлива трага во македонската ликовна уметност. Изложените слики се дел од колекцијата на Националната галерија на Македонија, која со ова одбележува 70 години од постоењето, бидејќи монументалистот Лазески бил нејзин директор.
Монографијата, отпечатена на македонски и на англиски јазик, низ 130 фотографии, на 160 страници ги претставува најзначајните остварувања на авторот, неговата биографија, библиографски податоци за творештвото и каталошкиот дел со податоци за делата.
Лазески, кој на градот му го дари муралот на НОВ во ЦК “Марко Цепенков”, кој е од извонредна важност, е втемелувач во македонската современа уметност и најпознат македонски монументалист. Добитник е на повеќе награди и признанија за изработка на фрески, мозаици, витражи, како и за долгогодишна плодна активност во областа на ликовната уметност. Во 1988 година добитник е на Орден на заслуги за народ со златна ѕвезда. Тој е основач на ДЛУ на Прилеп, а учествувал и во формирањето на ДЛУМ.