МАРУЛ ВО „МАТИЧНИТЕ“ КНИГИ (2)

Фељтон:

Белешките на Томе Велјановски

Screenshot 1

– Прилепчанецот Томе Вељановски кој живее во Гетеборг во Шведска, долги години е хроничар на времето. Уште како млад ги прибележувал сите податоци и настани кои се случувале во негото родно село Марул. Со цел да ги заштити од заборавот, Велјановски пренесува податоци за венчавките, склучените бракови и настаните кои биле карактеристични. Објавуваме списоци на имиња и презимиња во вид на записник број 4 во кој се внесени, како што вели авторот “повеќе работи од Марул во Марул. Старосвати, нунчеви, девери – големи и мали, вдовци, вдовици, раненици, раненички … Податоците, некои и со правописни и граматички грешки, се според прибелешките и сеќавањата на Томе Велјановски на дијалект и разговорен јазик.

Број 4:

Марулски мажи кои останале вдовци и се прежениле

1. Василоски Јован се преженил за Кузманоска Менка, без деца од с. Волково, родите три деца: Трајан, Алекцо, Петре. 2. Василоски Стојан се преженил за Андоница Делоска Митра од с. Штавица кокречанка, донесла три деца: Блаже, Ристо, Крсто; две нашла: Васко, Милан; три природиле: Цвета, Кита, Тодорка. 3. Дамјаноски Ристе Патрун се преженил за Доста писокалката. Доста донесла четири деца: Митра, Митре, Тодор, Тале. Децата ги раздале. Митра ја омажиле за Јованоски Тале курела. Митре го дале кај Саботковци ранениче во Подмол. Тодор го дале ранениче во Подмол на местото кај денешни аспровци. Тале ранениче го дале во с. Лагово. А додека Ристе и Доста на стари години го родиле Дамјан. 4. Дојчиноски Благоја се прежени со Јонческа Илинка од с. Боротино. 5. Јанкоски Петре се прежени за Пупалеска Босилка од Боротино. 6. Јанкоски Ристе се прежени за Јованоска Анѓелејца Петра Танеска од Марул. Двајцата имаа по две деца од првите бракови и четири природија. Мара и Димитрија и се од првиот маж Анѓеле. Ристе ги има Велика и Ладе со првата жена Спасија Сиџимоска од с. Подмол. Прородени му се Дончо, Алтана, Китан, Цветко викан Цане. 7. На Јанкоски Цветко Цане му умре првата жена Драгица без потомство од Станковци, с. Алинци погреба таму. Се прежени за Ленка од с. Локвени во 1965 во Прилеп има две деца Валентина и Аце. 8. На Анѓелески Стеваноски Живко му умре првата жена Цвета Шероска од Бонче, му остави мало дете Васил родено во 1951г. Живко се прежени за Неда Стоева од с. Рапеш 1953г. Неда ја донесе Живка. 9. На Јованоски Алекцо курела му умре првата жена Велика Дамческа од Бонче, без потомство. Алекцо се прежени за Коца Пижоска од с. Дедебалци, без деца. Заеднички имаат две деца, Зора и Загорка. 10. На Јованоски Димитрија прва жена му е Измироска Донка од с. Алинци битолско, му умре, му остави едно дете Стојанка. Димитрија се прежени за Илина Колески од с. Марул. Заеднички имаа шест деца: Верка, Данчо, Анѓеле, Арсе, Драган. 11. На Котески Илија му умрела првата жена Елена Бозгеска, оставила едно дете Стојан. Илија се преженува за Велика Вршкоска од с. Ерековци, без потомство. Заеднички родиле четири деца: Ѓорѓија, Тоде, Писана, Калина. Стојан во 1922 г. како осмугодишно дете капејќи се со другарчињата во вирот во грамада се удавил. 12. Танески Атанасов Стојче се прежени на стари години за прилепчанката Ленка, без потомство, погребана во Прилеп. 13. Таневски Велјанов Ордан се прежени за Даница прилепчанката, без потомство. 14. Танески Ристев Стојан, првата жена од Тасевци од Подмол со име непознато, умрела млада без потомство. Стојан се преженува за девојката Анѓа Здравеска Марулчанка. Заеднички деца имаат шест: Мара, Ануша, Крсте, Стојна, Тане, Блаже. 15. Колески Крсте со жената му Каранфилка Аџоска од с. Добрушево немале потомство. Го зеле ранениче Чучуроски Кире од Прилеп во 1913г. Каранфилка се разболела и умрела. Крсте се преженил за вдовицата Божиница Толеска Мрњароска Митра Мамалигоска од с. Чумово. Митра децата Добра и Крсто ги оставила на татко им во Чумово. 16. Во 1905г. Павлески Јован останува вдовец со три деца поради жената која умрела од маларија. Родена била мончанка, родот и името не се познати. Јован се преженува за вдовицата Божна Ѓакоска од с. Штавица со две деца Богоја и Менка и три негови, од бракот со мончанката, Трајан, Петра, Ѓурѓа. Децата заеднички ги изгледале и удомиле. Богоја кога порастил се вратил кај Ѓаковци на татковиот имот. 17. Павлески Трајан, синот на Јован се оженил за Сирма Кржеска од с. Подмол во годините на балканските војни во минатиот век. Трајан и Сирма имале едно дете кое умрело некрстено. Се разболела и мајка му, па по кратко време и таа умрела. Трајан останал вдовец. Трајан се преженува за Цвета Трајаница Макалоска од с. Г. Коњари во 1926г. Цвета кај Павлевци не нашла Трајанови деца. А донесла од Коњари две деца, Јованче и Игне. Цвета била родена во с. Кутлешево. 18. Ристески Стојанов Тане Танески женет во 1927г. со Неданоска Стеванова Менка Делоска од с. Штавица. Менка и Тане имале две деца Китан и Илинка. Менка Танејца се разболела и умрела. Тане се преженува за Анѓелејца Бошеска Илинка од с. Подмол која донесла едно дете Горица. Тане и Илинка природиле четири деца: Сребре, Алтана, Спасе и Ванчо. Илинка е родена кај Ивановци во с. Подмол. 19. По убиството на домаќинката Дамјаноска Котејца во нејзиниот двор од страна на марулскиот сејмен Маркоски Боше во 1874г. поводот бил смирување на закараните јатрви Котејца и Спасејца. Коте останува вдовец со едно дете Тодор. Нејзиното име и матичен не е познато засега. Коте се преженил за вдовицата Јошеска Цветкојца  Елена од с. Мало Коњари родена во с. Обедник, охридска каза. Новата брачна жена Елена донесла едно машко дете по име Божин. Во 1876г. на Коте и Елена му се роди машко дете крстено Илија. Набргу Коте се разболува и умира. Останува Котејца Елена вдовица со три машки деца помешани. Да се грижи за нив.

Број 5:

Жени вдовици и девојки од Марул кои земале домазети

1. По убиството на Јанкоски Ристе, први на средселото на запалениот оган за празникот Коледе во 1872г. од страна на својот брат Јоле со кросното, домаќинката Ристејца останала вдовица со пет деца: Ѓорче, Илија, Стојан, Јованка, Ката. Ристејца не можејќи да ги совлада сите куќни потреби, работи се одлучила да земи домазет во куќата. За домазет во куќата бил земен вдовецот Трајче Чунтески од с. Бонче. Трајче Чунте кај Јанковци си го донесол неговото дете, девојче сираче, име непознато. Шесте деца биле заеднички изгледани и удомени. Трајчевата ќерка ја омажиле во с. Добрушево кај Перасановци насила, со пушки грабната. Ката му е прабаба по мајка му на Атанасоски Ѓорѓија Гога Џорџ. 2. Откако умрел домородецот Дамјаноски Стојанов Коте, неговата втора жена Елена останала вдовица со три деца од два брака. Котејца Елена се одлучила, зела домазет во куќата. За домазет го зела Стојкоски Алтоманов Коте Чурлин од с. Лопатица, прилепско без потомство. Коте Чурлин имењак на домородецот Коте Дамјаноски го прифатил животот со Елена  и имале заедничко дете Цвета. Коте бил хуман човек, родител за сите деца во куќата. Исто така и голем мајстор за сите занаети. Елена и Коте ги одрастиле и удомиле децата. Коте умрел во 1934г. Овде треба да се пообјасни работата со децата. Коте Дамјановски со првата жена, отепаната го имале Тодор. Со втората жена Елена, го имале Илија. Елена Цветкојца го донесла Божин од с. М. Коњари, со Дамјаноски Коте го имала Илија. А додека со Коте Чурлин ја имале Цвета. На првата жена на Коте не и е познато ниту името, ниту местото на раѓање и нејзиниот пород. Додека Елена Цветкојца на два пати Коцејца, била родена во с. Обедник, каза охридска.  3. Ризоски Коле од с. Г. Коњари дошол домазет во с. Марул за отепаниот Богоја. Во 1926г. било многу врнежливо време. Колески или Бошески Богоја едно утро, во четврток помеѓу верските празници Велигден и Спасовден, го спрегнал ѕевгарот волови со ралото и отишол на орање во местото Бело Конче во присојот на Горни превалец, западно од Марул. Богоја орал што орал, се разврнало. Богоја ѕевгарот волови ги запрел, се прибрал до ѕевгарот да се заштити од дождот. Секајцата секнала силно, загрмело уште посилно и громот паднал право на ѕевгарот. Воловите заедно со Богоја биле јагленосани, изгорени. Богоја оставил три деца сирачиња: Кита, Раца и Невена. Татко му Трајан и мајка му Ивана и зеле на снаата домазет во куќата за внучињата да останат тука. За домазет бил земен Ризоски Коле од с. Г. Коњари кому му умрела жената Цвета Цоцеска од с. Црничани, родена во с. Подмол. Внука од брат на комитата Ристе Цоце кој го отепал насилникот Муса питуличаро од с. Мусинци. Отепан во Лопатичката река на Велигден во 1902 година. Цвета на Коле му оставила две деца Бориз и Благуна. Коле дошол за домазет кај Башевци, си ги донел неговите деца и три нашол, станале пет, три природиле: Лоринка, Милица и Трајче. Оваа фамилија била за пример во Марул како се живее во мир и слога со помешани деца. Мара и Коле сите деца ги одгледале и удомиле, со свадби, сите имаат потомства.

(продолжува)

Loading