ЧЕСТИЦА (ЧЕСТИЧКА) ИЛИ ЧАСТИЦА (ЧАСТИЧКА)

ivce1Чуден народ сме ние македонците. Употребуваме многу туѓи зборови (обично српски). Некогаш не знаеме дека не се наши, а понекогаш мислиме дека е подобро така. Понекогаш, за некои зборови, мислејќи дека се српски, ги “помакедончуваме”. За пример. Зборот ЖИТАРИЦА (житарици) се употребува многу често. Некои наши луѓе, мислејќи дека тие форми се српски, ги помакедончуваат и велат ЖИТАРКИ (житарка). Во нашиот јазик ЖИТАРКА е жена што произведува или продава жито. ЖИТАРИЦА воопшто не треба да се употребува, а ЖИТАРКА, како што рековме има поинакво значење. Значи, нашите зборови се ЖИТО, (во множина – жита), ЖИТНИ ЗРНА , ЖИТНИ СНЕГУЛКИ и така натаму.

Ова е вовед за она што пишуваме. Секој ден на сите телевизии, безбројпати го слушаме зборот ЧЕСТИЦИ. Воздухот во Скопје содржел многу штетни ЧЕСТИЧКИ (честици). Мнозина мислат дека зборот ЧАСТИЦА е српски па го пишуваат ЧЕСТИЦА или ЧЕСТИЧКА. Некои воопшто не мислат. Така го слушнале (честичка) и така го употребуваат. Потребно е поопширно да се објасни овој збор. Треба тоа да произлезе и од покомпетентни места. Но, за тоа никој не се грижи. Малку чудно! Во Речникот (тритомниот) регистриран е зборот ЧЕСТИЦА, во Речникот на Зозе Мургоски е ЧАСТИЦА. Во Правописниот речник е ЧЕСТИЦА, но потоа, внатре во текстовите насекаде многупати стои ЧАСТИЦА (частичка). Во Граматиката на Блаже Конески пишува ЧАСТИЦА. Зборот има старословенски корен. Внесен е и во Старословенско – македонскиот речник. Таму стои дека ЧАСТ значи дел, парче, има и други значења. Таа именка ЧАСТ, ја има и во бугарскиот и рускиот јазик. Сме сретнале во многу руски книги: Перваја част, Втораја част, што значи Прв дел и Втор дел. Тие значат дека станува збор за сосема мало делче. Бугарите би рекле дека ако делат нешто, да речеме нива, ќе речат дека ја поделиле на две ЧАСТИ, што би значело – на два дела. Не сме виделе како е внесено во новиот Толковен речник. Но како и да е, од сево ова што го приведовме како пример произлегува дека зборот треба да гласи ЧАСТИЦА (частичка). Тоа се мали делчиња кои ги дишеме и кои се штетни за нашето здравје. Зошто сите велат (штетно по здравјето ), а не “штетно за здравјето”? Оваа грешка ја прават сите без исклучок. Како што велат: “Опасно по живот”, наместо – “Опасно за животот”. Па дури и на бандерите или по трафостаниците каде има високонапонска струја пишува “Опасно по живот”. Дури и не е членувана именката ЖИВОТ. Овде не станува збор за нешто, за некаква опасност која би се случила ПО или ПРЕД животот, туку тоа е опасност ЗА ЖИВОТОТ.

Да се вратиме на ЧАСТИЦАТА (честицата). Неопходно е да преовлада ЧАСТИЦАТА (частичката). Најголема потврда за тоа треба да биде Старословенско – македонскиот речник и Граматиката на Блаже Конески. Да не се плашиме дека е тоа српски збор. Тој нема никаква врска со српската именка ЧАСТ, која кај нас гласи ЧЕСТ (честење, честитка, честитање).

Во Граматиката, ЧАСТИЦИТЕ се викаат уште и ПАРТИКУЛИ.

Loading