ПО ДЕДО СИ, ВНУКОТ КЛУЧАР

Нема клуч на портата на клучарот Методија Ѓуроски-Цако

Младиот наследник ја збогатува понудата на клучеви со асортиман на клучеви за автомобили

1

Осумдесет години ги крепи цвртсто. Годините не му се товар. Исправен е клучарот Методија Ѓуроски – Цако. Секое утро пред сонце, и зиме и лете, го отвора дуќанот во старата чаршија. Чисти пред влезот, заметува и го распламтува пампурот кога ќе дојде внукот да биде топло, погодно за работа. И муштериите да не ѕемнат додека чекаат да им се направи клуч. Дури им фрла пченица на гулабите градски и купува храна за ситост на чаршиските мачки. Да не им се познаваат ребрата на крзното, се грижи и за кучињата, скитници.

Бдее во дуќанот, интересно “наџиџан” со разнолики клучеви. Насмеан е Ѓуроски во почетокот на деветтата деценија од животот, оти доби наследник. Внукот Христијан веќе шест години чекори по стапките на дедо си. Ги откри тајните на клучарските марифети. Дури и напредува. Ја збогати понудата од старите клучеви за катанци, порти, врати, резиња, за блиндер… Со модерна машина наскоро ќе подготовува клучеви за   автомобили. На дедовите темели става современа надградба.

– Уживам што внукот ме наследи. Се радувам што брзо учеше и дури ме надмина. Алал да му е. Трудољубив и скромен е. Посветен е и вреден. Одговорен, дисциплиниран и квалитетен во работата. Среќен сум што калфата стана подобар од мајсторот. Се радувам што имам наследник и што, и по мене, нема да се стави клуч на портата на дуќанот – вели Цако.

Младиот Христијан објаснува дека времето носи новини. Затоа веќе купил машина за подготвка на модерни комплицирани клучево за автомобили, која уште не е активна, ама за скоро време ќе се ја стави во погон, збогатувајќи ја понудата од дедо си.

Kade zastana dedoto prodolzi vnukot

Крушум го совладал занаетот

Возрасниот набљудувач, ветеран на занаетот, десетина години е пензионер. Кажува дека го наследил од татко му, кој бил лијач. Ѕидовите на дуќанот се декорирани со богатството од лиени делчиња и лиени клучеви. Има и експонати од ѕвонци, клопотарци, лиени производи. Сé е со љубов наместено,  дотерано и суредено за лесно снајдување. Работните панга со алати и репроматеријали се чисти. Под конец се чеканите, клештите и другите орудија на клучарскиот занает.

Ѓуроски станал клучар со татко му, иако не сакал да биде наследник.

– Не сакаше да се “горам”. Ми велеше да учам. Но, имав голема желба и го научив занаетот. Крадешкум учев и не се каам – се присеќава  Методија.

Се лиело во шамотна печка, на одредена температура. Веќе десетинаи години  ништо не лие. Има куп производи, од ногалки за пампури, делови за брави, пумпи, обични клучеви…

– Сум излил предмети кои можам да ги продавам додека сум жив. Се лие кога ќе се направи саканата форма од специјален песок од Србија. Во формите се ставаше од стопениот манган. Потоа се растура песокта и се прават други форми – објаснува Ѓуроски.

Клучарството го учел кај мајстор Цветко. По враќањето од војска си отворил свој дуќан за клучеви.

– Пред 40-години двата клучеви ги стегавме на менгеме и го стружевме рачно. Постоеше ризик, оргиналот да се расипи. Сега има машини и е поедноставно. Даваат и клучеви што машински се копираат како оргиналот. Клучевите за обичните брави се изработуваат од месинг. За некои производи има гаранција до десет години – вели Методија.

Занаетот го води низ животот

Според него, ако се работи со кеф, добар со муштериите, солидарен ја “бркаш” работата, не е тешко.

– Како млад не уживав на коли и слично. Купив дуќан, кој е капитал. Ете остана внукот да работи со ќеф. Времето е сменето. Некогаш има, некогаш нема муштерии. Не останаа  занаетчии во чаршијата. Од генерацијата нема со кого да разменам збор-два – кажува Методија Ѓуроски – Цако.

Блика од среќа што внукот го замени.

Државата без грижа за занаетчиите

Државата никогаш не била за занаетчиите.

– Имаше златна чаршија, ама секогаш занаетите беа потценети. Не им се помагаше. Сега дојде трговија и младите не се интересираат за  занаетите – оценува Ѓуроски.

slia za ramka nagrada Metodija Guroski - CakoДобитник на третоноемвриска награда

Локалната самоуправа пред две години го награди Методија Ѓуроски со локалното одличје, диплома Трети ноември. Признанието беше сатисфакција за успешното одолевање на модерната технологија преку клучарскиот занает.

Тој беше препознаен како жилав занаетчија кој ги минал сите небиднини и премрежја. Успеал да го анимира внукот, да развие подгодна почва и да му ја всади љубовта на неговата “златна нараквица”, односно да создаде наследник. 

Loading