ОПШТИНАТА БОРЧИ 3,5 МИЛИОНИ ЕВРА?

IMG 0319

Илија Јованоски – градоначалник          

„Општина Прилеп во моментов има долг од 202 милиони денари или неполни 3,5 милиона евра и поради сомнежи за незаконско и ненаменско трошење пари од буџетот, инспекторите од надворешната канцеларија за економски криминал при МВР по налог на јавниот обвинител вршат контроли врз финансиското работење на општината во изминатиот период“.

Ова на новинарите им го соопшти градоначалникот Илија Јованоски, говорејќи за состојбата во локалната самоуправа при неговото назначување.

Тој рече дека една била ситуацијата при примопредавањето на должноста со претходниот градоначалник Марјан Ристески, а по две недели долгот на општината драстично се зголемил кога стигнале побарувања за наплата.

– Ни беше презентирано дека во касата на општината има околу пет милиони денари, а долгот спрема доверителите е околу 25 милиони денари. На прв поглед изгледаше релативно добро, но за жал, не беше така. По два-три дена долговите се зголемија на 29 милиони денари, а по две недели достигнаа до 104 милиони денари. Ако кон ова се додаде и долгот кон Светската банка што се плаќа на рати, едниот кредит е 40 милиони денари (треба да се исплати до 2026 година), другиот 20 милиони денари (ќе се плаќа до 2022 година) и лизингот за моторните возила од 2,2 милиона денари, вкупниот долг што општината во овој момент треба да го исплати е 166 милиони денари. На ова треба да се додаде ризичниот фактор на отуѓени побарувања што треба да ги исплати општината, на физички и правни лица, а се извесни. Тоа се околу 36 милиони денари, без законска затезна камата и судски трошоци. Со тоа долгот на општината во овој момент е 202 милиона денари или неполни 3,5 милиони евра – изјави Јованоски.

Во општината се вкупно 155 вработени, од кои 95 на неопределено и 60 со договор на определено работно време. Овие податоци се од соодветните служби од општина Прилеп.

Според Јованоски најголеми побарувачи на средства се одредени фирми. Детали за ова содржи извештајот на Државниот завод за ревизија и упатуваат на сомнежи за незаконско работење и ненаменско трошење на народните пари и во моментот конроли врши МВР.

– Најголеми побарувачи се фирмите Новоградба, Електро Точила, Пелатранс и Матадор – рече Јованоски.

Прилепскиот градоначалник уверува дека ова не е кочница во неговото работење.

– Ве уверувам дека сите обврски спрема доверителите ќе бидат подмирени, а вработените нема да имаат проблем со земањето плата -изјави Јованоски.

Годишниот буџет на општина Прилеп е околу 18 милиони евра. 

 

Loading