ТЕАТАРЏИИТЕ БАРААТ ДА БИДАТ САМОСТОЕН СУБЈЕКТ

Јавна расправа за нацрт статегијата за култура

Во организација на Здружението за култура и развој на креативни индустрии „Култ-Транзен“ од Струмица и “Театарска работилница” – Прилеп, се одржа јавна расправа за Нацрт-стратегијата за култура на Македонија од 2018 до 2022 година. Магдалена Диковска од Министерството за култура објасни дека законска обврска е да се донесе Стратегијата, а изработената верзија подлежи на измени и затоа се реализираат јавните дебати.

– Со нацрт-стратегијата се унапредува демократијата, плурализмот и автономијата на културната и уметничката продукција. Учеството на заинтересираните субјекти во донесувањето одлуки ќе влијае на ефикасна заштита на културното наследство и поттикнување на општествената одговорност на полето на културата. Стратегијата треба да ги развие принципите на новата културна политика: демократијата во културата, креативноста, инклузија, разновидност и вклучување во европскиот контекст. Главни стратегиски линии се политичката деконтаминација, интеркултурна комуникација, културна разновидност, остварување на јавниот интерес и натамошен развој на независниот културен сектор – рече Диковска.

Стојан Дамчески, раководител на театарот “Војдан Чернодрински”, кој функционира преку ЦК “Марко Цепенков”, ја предложи идејата на  колективот за работа на театарот како правен субјект.

– Нашето предлог-барање е театарот, кој кадровски е одлично екипиран, да функционира самостојно. Бараме самостојно нова театарска куќа, зашто се работи во крајно мизерни услвои – рече Дамчески.

Кристијан Талески од Институтот за старословенска култура побара доследна дигитализација на културното наследство, а Гоце Секулоски побара поддршка на музичарите од регионот, кои се занимаваат сериозно со компонирање и пренесување на сериозната музика.

Јасмина Паскалиева од здружението “Култ-транзен” смета дека дебатите во земјава се одлична можност за вклучање на сите чинители, институциите од културата и локалните самоуправи да се помогне развојот на културните политики во државата.

Loading