ПРВОТО ПРИЛЕПСКО КИНО НА ФАМИЛИЈАТА НАПЕСКИ

100 години од отворањето на киното и првата филмска проекција

Rubin BelceskiНа 28 декември 1895 година во Париз, во “Гранд кафе”, браќата Луј и Огист Лимиер, организирале прва филмска проекција. Тоа биле првите “подвижни слики” во историјата на човештвото. Оваа филмска претстава предизвика воодушевување и се смета за датум на раѓањето на кинематографијата.

Десетина години подоцна, браќата Манаки “ја донесле” кинематографијата во Битола. Во Македонија прв пат било отворено постојано кино во Скопје во 1912 година, а наредната година и во Битола е отворено кино. И Прилеп не заостанал долго. Неколку години подоцна, и прилепчани ја доживуваат првата филмска проекција, набрзо првото отворено то кино.  

Во збирката на документи на историското одделение на  НУ Завод и музеј – Прилеп, постои документ од 7.10.1960 година, заведен како исказ на Пане Напески од Прилеп, роден 1902 година. Од него се дознава киноприкажувачката дејност, како и тоа како Пане Напески на 15 години и неговиот татко Димко го отвориле првото кино пред 100 години. Пане “информира” за фамилијарниот бизнис, за филмовите, за фотографскиот занает и за многу други нешта во периодот од Првата светска војна до слободен Прилеп.

ИСКАЗОТ на Пане Напески од 1960 година го пренесов во целост. Како што “видовте”, неговата раскажана приказна, е историја на киноприкажувачката дејност во Прилеп од пред 100 години, но и случувањата после тоа. Напески бил голем вљубеник во кинематографијата, воедно и на фотографијата која му останала пасија и професија до крајот на својот живот.

01 - Pane Napeski vo svoeto kino

Моето истражување е надополнување за добивање на целосна слика за животот на киноприкажувачот, а воедно и фотографскиот хроничар на Прилеп, “занесенкото” Пане Напески.                                                                                   

Иако имав некои предзнаења, сепак тој ја “предизвика” љубопитноста и почнав да “трагам”. Нормално, тој не кажал сé во исказот. Со прелистување на трудовите на познавачите на “ликот и делото” на Пане Напески, Илинденка Петрушева, Цветан Беличански, Слободан Беличански, Роберт Јанкулоски, “прелистав” и други книги да дознавам нови нешта за Прилеп, за “занесенкото” Пане, за неговата сопруга Слободанка, за фамилијата Напески.     

02 - P.N. pred svoeto foto studio                                                              

Исказот на Пане Напески ќе го надополнам со “малиот истражувачки” зафат. Тој е роден во Прилеп на 6 мај 1902 година, од родителите Донка и Димко. Како дете, се одликувал со невообичаен љубопитен дух. Го интересирале новите технички пронајдоци. Татко му, кој бил фотограф, му раскажувал за новото “чудо” – филмот, кој   го видел во Париз. Во текот на Првата светска војна, во 1916 година, германската војска во дворот на семејството Шесколеновци, организирале филмска проекција. Пане тогаш првпат го видел “новото чудо” – кинематографот. Бил воодушевен и се родила голема љубов, која предизвикала одлучност. Од тој момент знаел дека еден ден ќе има свое кино. Со заштедените пари Пане и Димко купуваат проектор “Ернеман 1” и го отвораат првото кино во Прилеп во октомври 1917 година. Прв прикажан филм бил “Дамата со камелии”, според истоименото дело на Александар Дима и журналот “Изгледот на Прилеп”, снимен од германски, веројатно, воени сниматели.

03 - P.N. vo novot kino denesen teatar

За почетоците Пане раскажа во исказот. Во јануари 1918 година, од Софија, купуваат мотор (марка “Дај”) и динамо за производство на струја (марка “Сириус”), за подобра уедначеност на сликата, а пред киното поставиле рекламна светилка, за која прилепчани велеле: “Гледај, сонце на дирек”. Немите филмови, Пане ги “поддржувал”, свирејќи на пијанино, марка “Франц Фух”. Пане бил вљубеник и во спортот, во фудбалот. Во 1919 година во Прилеп е основан првиот фудбалски клуб СК “Огнена искра”. За основач или еден од основачите на клубот се смета Пане Напески, кој бил и активен играч. Потоа е фудбалер и во фудбалскиот клуб СК “Југославија” – Прилеп. По големата зима 1921/22 година, објектот на киното се срушил. Пане почнал да го “преселува” своето кино, по разни објекти во Прилеп, како, кафеаните “Србија”, “Кајмакчалан” (Старо Корзо) и други. Краток период киното го “преселил” и во Битола.

04 - P.N. so eksponati od svojata izlozba

По повеќегодишно селење, решиле да купат земјиште и да изградат свој објект. Во ноември 1931 година ја почнале градбата на објектот за кино. Тоа е зградата на денешниот прилепски театар.     Според законите на Кралска Југославија, секој кој сакал да отвори сопствено кино требало да положи мајсторски испит за киноапаратер. Во март 1932 година, Пане Напески во Белград стекнал  диплома. Набрзо набавува и тонски уред марка “Телевизија” за на 25 октомври 1932 година, киното “Балкан” да  се заведе во регистарот на трговски дуќани при прилепскиот првостепен суд. Сопственици на киното се водат Пане Напески и неговата мајка Донка. Следувала првата проекција на новото кино со звучниот филм ,,Титаник”. Во 1935 година паневото кино добива конкуренција. Во занаетчискиот дом во Прилеп се отвора киното каде се прикажуваат разните жанрови на  филмови: “Грофицата Валевска”, “Дамата со камелии”, “Источниот крик”, “Багдадски крадец”, “Раѓањето на цивилизацијата”, “Манон Леско”, “Том Соер”, “Пикова дама” и други. Неговото кино Балкан го нарекувале “прилепски културен центар”  и “црвеното кино”, затоа што од 1938 година до окупацијата на Македонија, на репертоарот биле советските филмови: “Чељускинци””, “Петар Велики”, “,Волга Волга”, “Овчарчето Костја”, “Чапаев”, за што во текот на Втората светска војна ќе има и проблеми со Бугарите и Германците. По ослободувањето, Пане, согледувајќи ја состојбата во новата држава, ќе напише писмо до Филмското претпријатие на ФНРЈ – Дирекција за Македонија во кое стои: “Разбирајќи ја улогата на филмското претпријатие и потребите на државата го подарувам на филмското претпријатие мојот биоскоп со зградата и целиот инвентар на улица “Маршал Тито 104″… (објектот на денешниот Народен театар “Војдан Чернодрински” – Прилеп, на ул. Александар Македонски). Воедно, замолува, бидејќи нема други приходи, тој и сопругата да бидат вработени во киното. Новата власт нема да му ја удоволи молбата и ќе донесе пресуда за конфискација на киното. Во 1948 година во Прилеп е формирана “Народна техника”, која одигрува значајна улога во развојот на техничката култура. Пане Напески има исклучителна улога во обучување на нови кадри во фото – кино клубот, а воедно го раководел и курсот за возачи. Се смета дека обучил повеќе од 5000 курсисти. Откако престанал да работи со киното, продолжил да биде “фотографски хроничар на градот”, оставајќи илјадници фотографски сведоштва за историјата на Прилеп, за занаетите и занаетчиите, за градските и селските куќи, за црквите и манастирите, за Марковите Кули, Старата Чаршија и Градскиот Саат, за тутунот, тутуноберачите и за многу, многу други нешта за нашиот Прилеп.

Пане Напе починал кон крајот на мај во 1979 година во Прилеп.

Рубин Белчески

историчар – кустос

Кино под ведро небо

Еве што тој напишал оригинално без граматички корекции, односно како што забележал колегата Боро Јованоски, тогашен кустос во Народен музеј:

“Ми раскажуваше татко ми Димко, како во Париз гледал кино уште во 1908 година, како фотографиите биле претворени во живи луѓе да се движат т.е. да одат на бело платно преку некоја проекција со светлост. Како дете тоа многу ме заинтересира, бидејќи татко ми беше фотограф и процесоит ми беше интересен. Се заинтригирав уште повеќе во Првата светска војна кога  случајно помина еден воен кинематограф во Прилеп, кој остана 2-3 дена во Чарши џамијата под саатот. Така, како дете секоја вечер му зборував на татко ми да купи кино апарат. Тој немаше доволно пари. Тогаш решив да продавам мекици меѓу војската во Прилеп и заработив 7200 германски марки. Го натерав татко ми преку војници што си одеа на отсуство да донесат еден кино-апарат, бидејќи војници седеа во нашата куќа. Војниците за дадените пари донесоа кино-апарат кој се вртеше со рака. За светло на проекцијата донесоа боца со воздух и резервоар за газолин (еден вид бензин). Кога виде татко ми дека многу се интересирам, ми помагаше во работата. После испитување на работите на газолинот со воздух видовме дека не беше практично и успешно и дојдовме до заклучок со татко ми да купиме мотор и динамо.

Моторот служеше за вртење на динамото и даваше струја за проекција на кино-апараторот. Тие се купија накнадно од Софија во 1917 година. Работа заврши и нужно беше да се направи зграда. Одбравме да ја турниме старата куќа на ул. “Пере Тошев” бр.18 меѓу старата црква и Грчката и да соградиме сала за кино. Во салата работевме се до 1922 година. Прв филм прикажан во новата сала беше “Дамата со камелии”, а журнал, изгледот на Прилеп. Името на киното беше “Кино Прогрес”. Од поважните филмови овие пет години беа “Фантом” – германски филм и др. Салата беше изградена на два спрата, партер и балкон. Беше долга 17 м. а широка 9,5 м. Партерот беше нареден со обични дрвени столови, наредени како во амфитеатар на гола земја. Балконот и партерот беа направени од стари даски останати од рушењето на старата куќа. Сето ова беше направено оти немавме пари и оти немаше од каде да се купат даски за душемето. Од други места не можеше да се донесе, бидејќи целата граѓа беше под војна управа и резервирана за фронтот во 1917 година. Бидејќи зградата не беше соградена од здрав материјал, се сруши во 1922 година. Бидејќи не ги знаевме доволно работите, т.е. да ракуваме со кино-апаратот, се појавија тешкотии. Пуштањето на моторот траеше извесно време, потоа пак застануваше поради непознавање на механичката работа. Се појавуваше тешкотија со кино-апаратот. Првин вртев со рака и не  можев да издржам.

Вртев 30 минути додека заврши првиот чин. Секој чин беше долг 400-500 метра. Се случуваше и да се скине лентата, т.е. недобро залепувана каде биле сцените додавани, а се случуваше да пукни каучокот од лентата поради брзото вртење на апаратот. Многу пати се случуваше палење на филмот. Некогаш се поништуваа 3-4 м. Натписите на филмовите следуваа така: филмот го прикачуваш и штом ќе дојде до туѓ натпис, го запираш апаратот и ставаш плоча преку дијалукс и плоча преведена со натпис се ставува на она место каде што се застанало. Рекламите стануваа на овој начин. Фотографиите се редеа на тараби (даски) и се пишуваше на една книга името на филмот, во колку саатот и цената на седиштата. При првото отварање на кино-претставите, цените на местата беа следните: 1 место 1, 5 лев, 2 место 1 лев, 3 место, 50 стотинки.

На балконот беше 2 лева. Во 1922 година, бидејќи немаше доволно претстави, киното беше пренесено во Битола, во “Гранд хотел”. Седевме 3 месеци, надевајќи се да добиеме филмови од Солун, а од овој град не можеше да се добијат филмови, бидејќи беше слаба кинематографијата. Одма го вративме киното во Прилеп и останавме без работа 4 месеци. Потоа под кирија го добивме кафето “Велика Србија” во 1923 година. Истата година умре и татко ми. На 16 годишна возраст ја продолжив работата со киното. Главна работа за прехрана ми беше фотографскиот занает. Потоа техниката понапредна и почнаа да се произведуваа електро мотори. Купив едно електро моторче и го поставив на самиот апарат да го врти. Така се ослободив од вртење со рака при прожектирање на филмот. Во кафето “Велика Србија” работев до 1931 година. Направив 4 прекини затоа што публиката не го примаше киното како културно-просветна разонода, туку од самите граѓани бев потценет како прилепските граѓани ги водам на лош пат. Често се случуваше да на улица ме сретнат жени и мажи и да  ме плукаат како да сум ги носел нивните деца по лош пат. После тоа народот увиде дека киното е полезно на човекот со прикажување на забавните, историските и поучните филмови. Така народот зеде сосем подруго мнение и почнаа да ме почитува. Во 1931 година од српските власти бев истеран како Македонец, односно не Србин, а како голем Србин беше донесен од тогашните власти Ице Зерде. Тој беше заштитен од српските власти, бидејќи татко му беше претседател на општината. Тој отвори кино во просториите на хотелот “Велика Србија” Иако имав платено кирија на сопствениците Бомболовци однапред за 6 месеци просечно, морав да си ги приберам машините и да си одам дома. Поради оваа причина бев приморан да купам место, макар да немав пари, морав да запнам повеќе со работата на фотографскиот занает. Скитав по села, панаѓури, слави, цркви повеќе да сликам и да заработам. На денешното место на улица “Моша Пијаде” бр.104 почна градбата на кино салата во 11 месец 1931 година. Нарочито одбегавав да ги прикажувам криминалните и каубојските филмови, бидејќи тоа би се одразило лошо на воспитувањето на младото поколение. Всушност, не бев послодавец, туку бев во своето кино како работник, и то кино-оператор.

Мајка ми Донка беше вратар и кинеше билети, а брат ми Гоче и сестра ми Ружа беа редари и стоеја и на благајната. Ова кино беше од работната снага на целата фамилија Напевци, која работеше до мај 1946 година. Во 1935 и 1936 год. во Прилеп почнаа да работат “Трезвената ложа” и друштвото “Коста Абрашевиќ”. Како побуден човек од тоа време, знаев што е потребно за подигање свеста на нашата напредна младина и на целото општество. Стапив во врска со другарот Данко Гешелин, по потекло Русин, кој работеше во “Меркур-филм” – Загреб. Тој ги имаше Советските филмови на рака од Државното претпријатие “Мос-филм”, т.е. Московско филмско претпријатие, кое беше под негово раководство. Сите советски филмови дојдени во Загреб веднаш беа праќани како премиери во Прилеп. Створив голема пропаганда со овие советски филмови кои тогашната напредна младина ги прими со големо задоволство. Отогаш напредната младина во дискреција киното го именува под име советско кино. Прикажани филмови од овој жанр беа: “Чељускинци”, “Жена за 1000 рубли”, “Московски славеј”, “Златниот кључ”, “Василиса Прекраснаја”, “Пастир Костја”, “Волга-Волга” и многу други. Овие филмови беа прикажувани од ова време до окупацијата на Бугарите 1941 година. И за време на окупацијата, од кога почна покретот да работи во Прилеп, имав задржано некои советски филмови и ги пуштив повторно да работат за пропаганда.

Така на пример, филмот “Волга-Волга” и “Даштерјата на Панкратов”, за кое бев благовремено повикан од бугарските власти и доста малтретиран, зашто ги прикажував. Мојата сала секогаш беше дозволена за конференции на напредната младина, кои се одржуваа во тајност. Покретот го помагав прилично преку мојата сестра Ружа Напеска, како морално и материјално. Целата наша фамилија работеше во покретот, како мојот брат Гоче, сестра ми Ружа и мајка ми Донка. Прилеп беше нападнат на 9.9.1944 година од страна на партизаните и бугарската војска и ослободен истиот ден. Другиот ден се даде проглас, кој сака да стапи како доброволец на народната војска да појди на помош кај местото “Дабнички завој”, или како што народот го вика по старо Капандрица и таму не дочека другарот Мики, капетан на НОВ и ПОЈ и многу други другари, кои ги запишуваше за партизани. Поседов 6-7 саати, примив храна и дојде другарот Коце Солунски. Ми рече: “Ти Пане иди со мене, бидејќи си потребен да прикажуваш филмови за нашата НОВ. Разбравме дека си имал запазено советски филмови и дека треба да ги прикажуваш”. Филмот го имав скриемо во Варош, филмот беше Волга-Волга кој се најдуваше кај другарот Пецо Јандреоски, кој го зедовме веднаш со џип од Варош и уште истиот ден почнав да давам претстави. За 6 дена дадов 36 претстави со вкупно 13-14 000 посетители – борци од НОБ. Со киното работев до напуштањето на Прилеп од страна на партизаните. Кога се истеглија партизанските војски од Прилеп, отидов во манастирот Св. Богородица – Трескавец заедно со партизанските единици. Таму седев до второто ослободување на градот. По ослободувањето го наставив своето работење како сопственик на киното до јуни 1946 г. Потоа излезе закон, сите кина во Југославија како културно-просветни установи да припаднат на државата. Тука станав единствен работник кино-апаратер. Бев повикан од синдикатот да се оформи во Прилеп народна техника која ќе има за цел оспособување на кадрови како на пр. шофери, трактористи, фото-аматери, кино-аматери и др”.

Loading