ГЛАД ЗА РАБОТНИЦИ

Билборд за вработување

bilbord

Некои големи фирми од градов и од околината веќе имаат отворени конкурси за вработувања. Недостигот на квалификувана рака е толку голем што аран-таран се бараат работници дури преку билборди. Германската инвестиција, фабриката Кромберг и Шуберт кај Битола, стави отворено барање за вработување до 4000 работници во центарот на градот. Билбордот е знак дека, покрај сé уште високите бројки на невработени, нема волја за работа кај голем дел од невработените.

Отворен оглас за вработување, покрај илјадата работници, имаат и Американците од Гентерм за својата фабрика во зоната Алинци. И таму секојдневно се бараат работници за обучување за изведување на производствениот процес, но и стручнаци, инженери и други профили и квалификации. Од Кавадарци во Прилеп секојдневно се интервјуираат невработени за работа во фабриката на Германците, Дрекслер – Маер. Покрај дветристотините работници од Прилеп, кои секој ден патуваат за Кавадарци, и околу 4000 работници од овој град и од околните Демир Капија, Неготино Градско, Росоман, па и од Велес, сепак не може да се засите стопанството со работна сила за производствените линии.

И домашните компании маки мачат со обезбедување на работна рака. Стопанствениците, особено градежниците, се гладни и во дефицит со години, бидејќи нема мајстори, ѕидари, армирачи, фасадери, управувачи на градежни машини, плочкари… Недосуваат и водоводџии, електричари, монтажери, механичари, дреари и фрезери…, дури и конфекционери.

Дека постои дисбаланс на пазарот на трудот покажуваат грубиот поглед на квалификационата структура на невработените каде доминираат неквалификуванате работници, но и високошколски профили за кои, особено од општествените науки, нема интерес кај работодавачите. Во отсуство на технички струки, особено инженери од секакви струки, фирмите си ги преземаат инженерите со понуди со повисоки плати. 

Loading