САКАТ АМАЛ ВАДИ ЛЕБ

Ведар инвалид Џелил Азизоски – Роче

– Двајца инвалиди создале здрав пород кој со силна енергија го растат

– Количката тежи, животот под нозе му жежи

Trudolubiv invalid - Xelal Azisoki

Има 58 година. Џелил Азизоски е мал човек полн со дух. Трудољубив и мирен, велат познаници и оние, на кои им помогнал со своето транспортно средство – количката. За пари или од добра волја. Муштериите го знаат. Пријатни му се дружбите со сите. Би работел повеќе, но пречка му е инвалидитетот во ногата. Го боли, посебно на студ. За повредата на коленото и глуждот докторите му рекле – нема лек.

Пукнатина и инвалидност за навек

Мирно го прифатил животот. Створил седумчлено семејство, на кое и ден денес му угодува, да не фали ништо. Секогаш е тука за Барја, Сибела, Ѓунер и неговата сопруга, инвалид со повреда на левата нога. Сопружниците – инвалиди одгледале пет здрави деца, со кои се гордеат. Џелил вели дека иако имале желба за образование, децата останале неуки поради немоќ да се обезбедат средства за школување.

Живеат во мала куќичка со салон и соба во Тризла. “Кутивче” со силна енергија и топлина од искрениот глас на најмилите. Ги обединува и ги храбри децата Џелил и сопругата. Ги тераат да се борат во суровиот живот полн со зраци надеж.

Посилниот пол во семејството Азизоски не мирува. И во глувото доба скока да заработи некој денар со количката, да транспортира гајби со шишиња до кафитериите да пренесе ова-она од пазар… Верно го служи превозното средство. Го потпоправа, ако му затаи на тркалото,  гумата… Си помагаат еден со друг, таа него – тој неа. Достоинствено и чесно заработува за леб. 

– На седум години паднав од скеле дирекно на земја. Падот беше незгоден. Ги повредив коленото и глуждот. Не бев способен за работа. Совеста ме гризеше. Како без пари? Родителите ми беа сиромашни. Поработив во печатницата во ,,11 Октомври,,. Сега живееме со надомест за инвалидитет. Тоа е главно примање. Добро е и доволно. Само здравје и децата да се изведат на добар пат – вели Џелил Азизоски.

roceЗатропуваат парички

Прелетува ликот и количката на Џелил секој ден низ чаршија. Стои кај замијата со другите амали, кои ги нудат своите услуги и труд.

– Да лежиш, не се долежува. Коските болат. Затоа секој ден сум во потрага по работа. И му успева да заработам нешто – вели тој. 

Писмен е и навечер гледа ТВ, слуша радио, ретко разлистува и весник. Се одмара и зиме помагал околу дрвцата, печката…

– Работам најмногу лете. Излегувам неколку часа во денот и колку ќе заработам, толку, таман. Некогаш 200 денари, некогаш ништо. Можам да носам најмногу до 60-70 килограми. Носам торби или вреќи со зарзават од пазар за купувачите или понудувачите на производи или дуќанџиите. Количка со зајре и за дома. Како другите, со “торбите в раце”, купувам од пазар храна. Немаме овоштарник, ниту бавча. Не можеме тутун да работиме – рече Азизоски.

И по 40 години “дремење” пред Градскиот саат со количката за пренос на производи, попонекогаш ги врти маалата да собери ако му дадат старо железо хартија… Излегува и не знае каде ќе го однесат нозете и што сé не ќе влечи со себе.

– Имам пријатели, кои ми даваат ред за полесни тури, зашто не можам сé да носам. Сепак, ако не заврне, ќе капни. По некој денар тропа в џеб за лепче… По маалата ме знаат и нудат старо железо и отпадот да го фрлам. Гледам аир и од тоа – кажува Азизоски, кој нема мобилен, зашто не го разбирал. 

Ген на трудољубивост кај Азизоски

Со сопругата не успеале да им обезбедат луксуз на децата. Но, ги научиле на работа и почит.

– Не успеав да ги дошколувам децата, а јас учев француски пре 40 години – горд е Азизоски, кој знае дека подобар е животот со учење.           Никаде не прошетал. Прилеп е неговиот свет. Чаршијата, пазарот ги знае на прсти. Знае дека за инвалидите одвреме – навреме се дава некој помош или има акции, попусти, преку разни НВО или други здруженија. Ама досега ништо не искористил.

– Друштвото за телесно инвалидизирани лица вети едно лето дека ќе не прошетаат низ Охрид со жената. Ништо. Не одам по вратите на “хуманитарците” – достоинствен е Џелил Азизоски, свесен дека “Човек најдобро се чеша самиот”, како што велат старите.

Полека со накривување, чекори кон зрелото доба. Се мачи со болка во ногата, но и со верба дека на маката се препознаваат јунаците. 

Loading