ДРЕНОВО ЛИКО

ivce1Според пророштвото, кој ќе успеел да го одврзе Гордиевиот јазол, тој ќе ја освоел Азија. Јазолот бил толку испреплеткан, што тешко можел да му се најде крајот и тешко можел да го одврзе некој. Александар Македонски, без да му се мисли многу, наместо да го разврзува, го пресекол со мечот. Сме сретнале некој податок, се разбира според легендата, дека јазолот бил од дреново лико. Повод за денешниов напис беше токму тој збор – ЛИКО. А што е тоа ЛИКО? Некои од постарите можеби знаат. Од денешнава помлада генерација, веруваме дека и немаат слушнато за тој збор.

Како деца (на село) често го употребувавме зборот ЛИКО. Обично на пролет, кога кората од дрвата е најсочна, лупевме од неа долги парчиња како ремења. Понекогаш врзувавме нешто со нив, а почесто ги користевме како реквизити во разни детски игри. Најчесто го правевме тоа од лескови гранки. Тие се најмазни и излегуваат подолги ремења. Ете тоа парче од кората на дрвото што прилега на ремен, го викавме ЛИКО. Така го викаа и старите.

Сега, кога си спомнавме за тој збор и кога присакавме да ги потсетиме и оние што не знаат, пребараме во речниците. Навистина, регистриран е тој збор. Малку со поинакво објаснување, различно од она што сме го знаеле како деца. Во Тритомниот речник пишува дека ЛИКО е внатрешна кора од некое дрво што се користи за врзување. Во својот Речник, Зозе Мургоски дава уште подетално објаснување. Ќе го цитираме во целост: “ЛИКО – внатрешна кора од липа или друга свитлива кора што се користи за врзување”. Не сме имале сознание дека токму липовото дрво ја има таа карактеристика. А не сме го имале и сознанието дека ликото е внатрешниот дел од кората. Кога ќе се оддели кората од дрвото, под неа има една друга, мошне тенка кора која е многу еластична, како да е од пластика. Ете тоа било ЛИКО. Ние си ја викавме целата кора. Но, тука сме биле, близу. Пред да пишуваме, прашавме повеќе луѓе. За чудо, никој не знаеше што е тоа ЛИКО. Е, па, еве! Тие што заборавиле да се потсетат, тие што не знаат да научат. Малку е неверојатно (според нас) она што го вели легендата, дека јазолот бил од дреново лико. Дренот е доста чаталесто дрво и тешко би можело од тоа дрво да се извадат такви долги ремење. Но тоа е веќе друга тема.

ЛИКО – внатрешниот дел од кората на некое дрво.

Loading