Екипа од Заводот и музеј почна со археолошките истражувања на локалитетот Долиште кај селото Прилепец. Станува збор за капитален проект, поддржан втора година од Управата за заштита на културното наследство со 300 илјади денари.
Истражувањата продолжуваат на ланските наоди кога беа откриени повеќе гробни конструкции од доцномакедонскиот и римскиот период.
– Годинава дефинираме нов простор за истражување, на кој површински се видливи остатоци од градби. Со првите откопи се откријаа ѕидови од објект, но рано е да се каже за неговата намена. Пронајдени се неколку наоди на бронзен накит, датирани во 4 и 3 п.н.е., бронзена монета на последниот македонски крал Персеј кој владеел во 2 п.н.е од старата ера, и неколку бронзени римско-царски монети од 1 век од нашата ера – вели археологот Душко Темелкоски, виш кустос од Завод и Музеј.
Истражувањата ќе траат околу 20 денови.