МАШКИОТ КЛУБ ДОБИВА ЗАСИЛУВАЊА, ЖЕНСКИОТ – СПОНЗОР

Ракомет: Убави најави за новата сезона

– Најнов играч е десниот бек Карановиќ, висок 207 сантиметри

Moment od mec protiv Vardar

Ракометот е еден од најсаканите спортови во градов. Очекувано е да биде третиран соодветно, во интерес на многуте приврзаници. По неколку кризни години следеше консолидација и исчекор, настапи во Европа. Што понатаму? Она што официјално, а и неофицијално веќе се зборува е мошне оптимистичко и ветувачко.

Машкиот супелигаш Прилеп, 17-ти ден одработува подготовки по замислата на тренерот Ице Соколески и асистентот Менде Петлески на стадионот Могила, во Вежбалница и во салата на СОУ ,,Ристе Ристески – Ричко”. Тука е и новодојдениот Лука Карановиќ, десен бек левучар, висок 207 сантиметри, Србин, кој играл во Унгарија. Претходно пристапи голманот Мартин Јовановски од Еурофарм работник Битола. Се очекуваат уште двајца – бек, среден и лев во два правци, за напад и одбрана, како и десно крило. Заминаа: голманот Огнен Трајковски (Скопје), Грузиецот, бекот Теимураз Орјоникидзе (Пелистер), а отсуствувал и десното крило Никола Петрески.

За женскиот клуб Прилеп, наследник на Жито Прилеп, кој настапуваше во Супер лигата, Регионалната лига и европските купови, има најава за генерален спонзор, голема фирма. Тоа само по себе доволно зборува дека клубот организациски оди напред. Наскоро ќе има попрецизни вости околу имињата на водечките луѓе – управата, тренерите кои ќе го сочинуваат Стручниот штаб, како и играчкиот кадар. Лани клубот опстана. И постоење е значајно, во државава со осум женски клуба, од кои половината се од Скопје. Се очекува да се задржи играчкиот кадар на тренерот Рубин Богојески, со најискусни, голманките Сара Богеска и Сандра Дурланова, бековите Бојана Јованоска и Ангела Саздова, крилото Елена Крстевска. дури и две од помладите ракометарки се повикувани од селекторите. Тоа се пивотот пионерката Михаела Камческа во Младата и десното крило Мери Спиркоска за Кадетската репрезентација.

Можно е да се вратат неколку нови или повратнички, прилепчанки кои настапуваа настрана.

Позитивна енергија од Катар

Нема одмор за тренерот Ице Соколески, кој само што се врати од Катар, каде беше во Стручниот штаб на Македонија на Светското младинско, со многу енергија продолжи со подготовките на Прилеп.

Шестото место за Македонија?

– Не е мала работа. Македонија има вкупно жители колку што ривалите кои ги победувавме имаат регистрирани ракометари.

Твоето искуство?

– Апсорбираното отсекаде ќе го применам во нашиов клуб, во зависност од условите.

Амбициите на Прилеп?

– Рано е да се дефинираат. Да причекаме уште малку.

Турнир ,,Миле Нешкоски”

Од денеска до недела е третиот турнир ,,Миле Нешкоски” во организација на РК Прилеп и Судискиот одбор. По положувањето цвеќе на споменикот пред Универзална, следат натпреварите во ,,Ричко”

Петок

18 ч. Пелистер – Борец

20 ч. Прилеп – Пролет

Сабота

18 ч. Пролет – Борец

20 ч. Прилеп – Пелистер

Недела

11 ч. Прилеп – Борец

13 ч. Пелистер – Пролет

Loading