ЗАЕДНИЧКО ОСОВРЕМЕНУВАЊЕ НА ПРИЛЕП

Градоначалникот Марјан Ристески пред граѓаните за периодот 2013-2017 година

02-otcet

Градоначалникот Марјан Ристески со голема колор публикација на повеќе од 120 страници која ќе ја добие секое семејство, им се отчитува на граѓаните за довербата во мандатот од последните четири години, изложувајќи го сработеното во доменот на локалниот економски развој, урбанизмот, патната инфраструктура, комуналното уредување, образованието, социјалната заштита,  културата… Тој ги презентира и планираните проекти и оние што се во тек. Во содржината стои дека ќе се гради кружен тек на мосотот Табаана, кај деветкатницата, кај градска кафеана, градинка во Точила…

Во апстрактот од отчетот изјави:

“Бевме 12 години помлади кога заедно одлучивме дека можеме и мораме повеќе, дека сакаме да живееме во едно историско место на земјината топка кое заслужува да се вика град Прилеп. Бидејќи тука сме се родиле, сме живееле, некои заминале, па се вратиле, но со нив ја носеле гордоста дека се прилепчани. Почнавме скоро од ништо, од пустош, од очај, од хаос, безизлезност и безидејност… Денес е сé поинаку, подобро, поурбано, почисто, попросперитетно. Заедно треба да продолжиме да реализираме, да проектираме, да осовременуваме… Прилеп да продолжи да го живее европскиот сон.”

“Кога пред 12 години дојдов на местото градоначалник, во општината Прилеп имаше рекордна невработеност, начекав пропаднати фирми и избркани инвеститори, комплетно уништена економија. Образовните и здравствените институции беа пред вистински крах. Не се инвестирало со децении. Прилеп, за жал, беше еден од највалканите и најнеуредени градови, без никаква инфраструктура. Центарот на градот немаше ниту еден уреден плоштад или катче за одмор. Крахирани беа јавните претпријатија, со огромни долгови, без основни средства за работа, а за административни згради и да не зборуваме. И тогашната зграда на локалната самоуправа беше сместена во руинирани бараки”.

{AG}464/otcet{/AG}

“Прилепчани со години немаа нормално водоснабдување, канализациони системи, а дури над 50 отсто од улиците беа неасфалтирани. За асфалт до населените места не стануваше збор. Симболите на градот, Могилата, Участакот, Градскиот часовник и другите историски знаменитости и спомен обележја, беа оставени на забот на времето. Погрешно водените политики и тешката транзиција, градот, кој постои веќе еден милениум, го направија  бесперспективно место за живеење”.

“За 12 години заедно со моите сограѓани и дел од мојот тим, со граѓанските идеи и поддршката успеавме од Прилеп да направиме пристојно место за живеење за сите генерации. Денес градот на тутунската индустрија, градот херој, градот на Крал Марко, Цепенков, Конески, Кепески, градот на Пеце Атанасоски, на Ченто, Пере, Ѓорче, Кузман… градот на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински”, на Пивофестот, на Прилепското културно лето, на карневалот Прочка, џез фестивалот, современа библиотека и читална… е град на нови инвестиции, нови вработувања. За 12 години успеавме да постигнеме рекордно намалување на невработеноста, влегоа странски инвестиции. Изградивме и нов транспортен центар со нова автобуска станица, а по 8 децении прв пат ја реконструиравме железничката станица, на која пристигнаа новите возови. Во градот за првпат се воведе јавен градски превоз. Се асфалтираа над 200 км, улици, општински и државни патишта, започна капиталната инвестиција, експресен пат Прилеп-Градско, а на повидок е и пристигнувањето на гасоводната мрежа, сон на сите прилепчани.                Прилеп денес е град на спортот и спортските манифестации, лидер во легализирани објекти, нови развојни генерални планови, индустриски зони, нов водовод и пречистителна станица, селектиран отпад, терминал по европски терк, современ Пазар”.

“Вложивме над 10 милиони евра за подобрување на условите во училиштата, ги зголемивме капацитетите за сместување во градинките, изградивме нови спортски сали и терени”.

“Денес Прилеп е пример за соживот меѓу ромското и македонското население со инвестирани над 15 милиони евра во повеќе проекти во ромската населба Тризла: нови улици, канализација, водоводи, осветлување, реконструирано училиште, нова спортска сала, подобра едукација на Ромите, стотици вработени Роми во јавниот и приватниот сектор, изградба на нова џамија и друго”. 

“Прилеп стана центар на екстремните спортови, како и центар на фестивалскиот туризам на Балканот кој секоја година носи стотици илјади посетители. Не го заборавивме ниту нашето културно богатство и историја. Се отвори нова археолошка поставка, се изградија патишта и се реконструираа најважните манастири во прилепско, а се изградија и 4 нови цркви”.

“Почитувани мои сограѓани, сите овие проекти се наши заеднички дела, реализирани од заеднички идеи, проекти кои ќе ги оставиме во наследство на идните генерации. Заедно создадовме историја. Нашата визија е економски силен и моќен Прилеп. И што е најважно, никогаш не рековме доста е и дека застануваме. Понатаму без одмор и со несмалено темпо, заедно со вашата поддршка и идеи, нашата транспарентност, отчетност и домаќинско работење, ќе продолжиме да го градиме новото лице на европски Прилеп, град кој ќе биде гордост за сите нас, град препознатлив во Македонија и регионот”.

“Отчетот што го презентирам содржи стотици реализирани проекти во изминатиов период кои го подобрија квалитетот на животот на граѓаните во секој поглед. Во отчетот ќе се пронајден секој наш сограѓанин. Отчет кој ќе биде поттик за реализирање на сегашни и идни проекти во интерес на Општина Прилеп. Прилеп пред се, Македонија пред се”!

Отчетот ќе биде поделен во печатена форма на нашите сограѓани и ќе може да се најде и во електронска верзија на општинската интернет страница њњњ.прилеп.гов.мк.

Loading