ГАЈДИ НА ОБНОВЕНА РУДИНА

43. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

I godinava prodolzuva tradicijata   na festivalot na narodni instrumenti i pesni

Со сценско музичкиот перформанс „Традицијата оживува“ вечерва од 21 часот на летната сцена на плоштадот Александрија се отвора 43. издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, на што му претходеше  семинарот за изучување на изворни инструменти и песни. Свечениот настап на учесници е утревечер од 18.30 часот  на  Рудина во селото Долнени со што ќе биде отворен новиот амфитеатар, изграден со 4,5 милиони денари, поддршка од Центарот за развој на пелагониско планскиот регион.

На Рудината со нов лик, околу 350 учесници ќе имаат два натпреварувачки дена. В сабота и  в недела  ќе се слушне „Отидов село Долнени”, ќе писнат гајдите, ќе одекнат тапаните, ќе се погали кемането да се одржи традицијата, востановена во 1974 година од славниот гајдаџија Пеце Атанасовски, етномузикологот Живко Фирфов и ентузијастот Илија Лашкоски.

Фестивалот ги сочувува од исчезнување древните и драгоцени вештини на свирачите на народни инструменти и пејачите на изворни народни песни. Го презентира македонскиот изворен фолклор, а со меѓународниот карактер се разменуваат искуства, се развиваат пријателства и се воспоставува културна комуникација меѓу народите. 

Loading