Многупати се наоѓаме во ситуација кога не можеме точно да определиме некои броеви, часови, или некои дејства за кои не знаеме точно кога и колку се извршуваат или кога и колку би се извршиле. Во таквите случаи обично, го земаме напомош зборот ОКОЛУ, во улога на прилог. Во други случаи тој може да биде и предлог. На пример: “Столовите беа наредени, околу масата”. Овде зборот ОКОЛУ е предлог, покажува каде биле наредени столовите. А кога не можеме да определиме броеви и часови, го користиме зборот ОКОЛУ како прилог. На пример, кога не знаеме точно колку е часот, ако е пладне, ќе речеме ОКОЛУ дванаесет часот. Или ако биле повредени во некој терористички напад а не знаеме колку точно, ќе речеме ОКОЛУ 20, ОКОЛУ 60, ОКОЛУ 100 и така натаму. Но можеме да употребиме и една неопределена бројка, па да речеме – ДВАЕСЕТИНА, ШЕЕСЕТИНА или СТОТИНА. Значи, ако речеме дека биле повредени приближно 100 луѓе, можеме да речеме ОКОЛУ 100 или СТОТИНА. СТОТИНА и ОКОЛУ 100, имаат исто значење. И во едниот и во другиот случај не знаеме колку точно биле повредени. А што означува зборот СТОТИНА? Значи приближно до 100, можеби 110, можеби 95, но тука некаде. Ако се рече ОКОЛУ 100, значењето е исто. Но, ова го пишуваме поради редовната грешка што ја слушаме на нашиве телевизии. На сите. Ќе ни каже презентерката или презентерот дека во тој и тој настан биле повредени ОКОЛУ СТОТИНА луѓе. Грешка! Ако не се знае точно ќе се рече ОКОЛУ 100 или СТОТИНА, но никако не смее ОКОЛУ СТОТИНА. И едниот и другиот збор ни го кажуваат истото и затоа не треба да се употребуваат двата.
Еве еден поинаков случај. Вози низ градов возилото на Комуналец. Го собира сметот. И тоа секојдневно. Убаво е тоа. Но, што е тоа што паѓа в очи? На едната страна од возилото со мошне крупни букви пишува “Чисто до вашега прага”. Зошто не им е јасно на луѓето од Комуналец дека тие го чистат градот, но го валкаат јазикот. Не смее тоа така. Можеби возилото е набавено од Србија, можеби така било напишано уште оттаму, но тоа не смее да остане така. Па уште и напишано со латински букви. Кога би станувало збор за името на возилото, на пример – Застава, тука нема преправање макаршто кај нас зборот е ЗНАМЕ, а не ЗАСТАВА.
Во конкретниов случај не може така. Четката и бојата в раце и текстот мора да се напише на македонски јазик. Па така ќе биде чисто до нашиот праг, а и јазикот ќе биде чист!