Нетрпеливост за Пивофест
Пеколните температури уште повеќе ја подгреваат атмосферата пред претстојниот Пивофест од 13 до 16 јули кога во центарот на градот илјадници домашни и странски туристи наместо вода ќе ја гаснат жедта со пиво и градот ќе го претворат во престолнина на горчливата пена. Локалните власти веќе се во завршница на подготовките на годинешното 15 издание на традиционалната манифестација која побудува љубопитност на целиот Балкан. И годинава, на 25 штандови, со разноразната понуда на пива, се очекуваат над 300 илјади посетители да уживаат со пивската сласт четири дена со популарните интерпетатори од рангот на Северина, Харис Џиновиќ Џамбо Агушев, Ален Исламовиќ, Психомодо поп, Амадеус бенд, Елена Велеска, до реге и Тајфата со Димитар Андоноски.
– Фестивалот ќе има безброј изненадувања, новитети, прекрасна музичка програма и одлична незаборавна забава. Пријавени се 25 штандови, на 5.000 м2. Годинава ќе има и белгиско, ирско, англиско, германско, грчко и сараевско пиво од кои дел се со стандарден процент на алкохол, а дел со 7, 8 и со 9 проценти на алкохол – истакна Талија Петреска, ЦГИ – организатори на Фестивалот.
Генералните спонзори на фестивалот Прилепската и Скопската пиварница очекуваат одлична забава и многу публика која ќе ги проследи.
– Единствениот јазик на кој може да се разберете каде и да сте е пивото. Пивото ги поврзува народите и цивилизациите така што токму тоа ќе се случува за овој Пивофест и тоа ќе биде нашата мисија, на сите наши конзументи да им понудиме нови вкусови и пива. Тоа на нашиот штанд ќе биде Лашко. Забавата ќе биде загарантирана – изјави Катерина Хаџи Ангелеска Начевска, претставник на Скопската пиварница.
{AG}458/pf{/AG}
– Веќе 15-та година Прилеп ужива во вкусовите на различните пива. Прилепска пиварница и оваа година е дел од овој настан кој е обележје за Прилеп. Организаторот се потруди да обезбеди богата музичка програма. Прилепска пиварница и годинава ќе понуди уживања и изненадувања. На нашиот штанд ќе се види новото руво на нашиот јунак, нашето Крали Марко, по кое што градот е познат. Да го прославиме вкусот на пивото и вкусот на магијата на Пиво фестот – рече Искра Конеска, претставник од Прилепската пиварница.
Градоначалникот Марјан Ристески изрази задоволство што годинава за кусо време е скроен одличен пакет на музичка програма за сите генерации од 7 до 77 години.
– Туристички агенции најавуваат организиран превоз на посетители од соседните држави во Прилеп. Работното време на угостителите ќе биде продолжено до 3 часот наутро. Посебно интересно ќе биде во новиот Аква парк – Салида и една од најголемите дискотеки во Македонија, клубот Калипсо. Ќе се организира бесплатен кампинг на Паркот на револуцијата и како добри домаќини се грижиме сите кампери во утринските часови да бидат послужени со бесплатна чорба, кафе и чај. Паркинзите и режимот на сообраќај ќе бидат максимално регулирани. Обезбедени се 25.000 паркинг места. Безбедноста ќе биде на највисоко ниво – изјави Ристески.
Сите хотелски капацитети и приватното сместување се скоро резервирани.