ИЗМРЗНАТИ ВИНОГРАДИ

ivce1Си течат емисиите на нашиве телевизии. Спокојно, мазно, како да е сé во ред, како да нема ниедна грешка. Презентерките, убави, дотерани. Текстот тече (заедно со грешките), презентерките не знаат дека не знаат, лекторите никаде ги нема, а најголемиот број од гледачите мислат дека така треба. А што се не сме слушнале! Еве пример! Зимата била многу студена. Температурите ненормално ниски. Како резултат на тоа во Франција измрзнале виноградите. Ете така бевме информирани на една наша телевизија. Интересно! Македонија е позната по производство на грозје. Лозови плантажи многу. Именката лозје е толку позната што и нема човек кој не ја знае. Што е тоа што ја натера, од каде и се заврти во главата на презентерката именката виноград? Најверојатно веста е преземена од некоја српска новинска агенција. Во српскиот јазик лозјето се вика – виноград.

Еве друг пример. Се случил некаков земјотрес. Во вечерни вести, презентерката вели: “Рано изутринава се случи силен земјотрес”. Турскиот збор сабајле сега го заменуваме со изутрина. А кој би рекол во вечерно време дека сабајлево се случил земјотрес? Секој ќе рече: “Сабајле се случи” а не сабајлево. Исто е и со современата именка изутрина. Кога се зборува навечер, таа не треба да се членува, едноставно ќе се рече: “Рано изутрина се случи земјотрес”. Изутринава може да се рече ако се случило нешто токму тогаш, во самата изутрина. На пример: “Изутринава времето е свежо”. Се прави и друга грешка. Често слушаме, попладне или навечер да се вели: “Денес изутрината”… И тука не треба членување. Изутрината би се рекло ако станува збор за некоја помината изутрина – “Вчера изутрината” или “Изутрината во саботата врнеше дожд” и слично.

Во некој сериски филм чувме ваква реченица: “Ако имаш нешто на врв на јазик, кажи ми”. Уф! Страшна контаминација врз македонскиот јазик од страна на скопскиот жаргон. Како е можно лекторот да го допушти тоа? Па двете именки и врв и јазик се определени и треба да бидат членувани: “Ако имаш нешто на врвот на јазикот, кажи ми”.

Слушнавме дека времето ќе бидело врнежливо, но во петок ќе настанело стабилизирање. Само не разбравме во кој петок. Вечна грешка со погрешната употреба на предлогот “ВО”. Штом се употребува за наредниот најблизок петок треба да се рече ” В ПЕТОК ќе настане стабилизирање”. Ако станува збор за некој неопределен петок, тогаш би се користел предлогот “ВО”. На пример: “ВО ПЕТОК ние одиме на викенд”. Ако е пак петок кој поминал, ќе речеме: “ВО ПЕТОКОТ врнеше дожд”. Во тој случај именката петок е членувана.

Loading